Како да се скротат цените
Светска банка оцени дека помошта која што Владата до сега ја дала за фирмите и за граѓаните е „моментално најголем пакет на фискален одговор на кризата“. Зошто тогаш инфлацијата е толку висока, а производството ниско
Над економското небо во земјава, но и во Европа и натаму се темни облаци. Надежите дека кризата ќе попушти и дека економските текови ќе се вратат во некоја нова нормала се одложуваат за подоцна, барем ако се суди според најновите есенски економски прогнози што ги објави Европската комисија во петокот. Клучните поенти се дека инфлацијата допрва треба да го достигне врвот пред постепено да почне да се намалува, како и дека повеќе земји од ЕУ ги чека (навистина привремен) период на рецесија.
Македонија и другите земји од регионот коишто не се членки на ЕУ не се опфатени во овој редовен есенски преглед, но не треба многу познавање за да се заклучи дека и на домашен терен работите не стојат сјајно – инфлацијата во октомври се вивна на 19,8 отсто, а производството се мачи да го одржи чекорот.
Она што најмногу ги засега граѓаните е како да се скротат цените и како да го минат месецот. Тоа очигледно сѐ потешко е изводливо за најголемиот број од нив, оние кои примаат просечна или минимална плата. Без оглед на растот на примањата во текот на изминатата година, кој номинално не е мал, сепак, во битката со инфлацијата тие се на губитничката страна. Тоа го покажуваат и податоците на Државниот завод за статистика според кои (податоците се однесуваат за август) просечната плата номинално била поголема за 11 отсто во однос на истиот месец лани, но реално е помала за речиси пет отсто. Кога ќе се вкалкулира и инфлацијата во септември и во октомври, тогаш овој сооднос е уште полош.
Синдикатот пресмета дека за да се помине месецот потребни се 51.514 денари, што покажува дека за голем број семејства, особено оние со минимална плата, тешко можат да ги задоволат и најосновните животни потреби. Најголем удар врз стандардот на вработените со просечни или ниски плати влијаат цените на прехранбените производи, за кои што ги трошат најголемиот дел од месечните примања. Храната е меѓу производите кои најмногу поскапеа изминатата година, за над 30 отсто, а во рамките на оваа категорија производи лебот и житата за речиси 50 отсто, млекото, јајцата, сирењето и маслото за јадење за над 40 отсто…
Симптоматично е што во оваа „игра“ со цените на производите, производителите и трговците бараат сѐ поголемо вклучување на државата во гаснење на пожарот, но од друга страна, кога ќе се издејствува некоја мерка (како што е добивањето субвенционирана цена на струјата) тогаш се посочуваат други аргументи зошто цените на производите не можат да се намалат за очекуваниот процент.
Така е и со други мерки кои ги носеше владата во изминатиот период – намалување на ДДВ за одредени производи, бескаматни кредити или со ниски камати, субвенционирање на придонеси и сл. Светска банка неодамна во презентирањето на извештајот за земјите од Западен Балкан посочи дека Македонија процентуално имала најсилен пакет од сите шест земји во смисла на поддршката која што се дава на фирмите и на домаќинствата гледано од фискална страна.
„Ако се погледне износот од 750 милиони евра севкупно, тоа е повеќе од 5 отсто од БДП и ова е моментално најголем пакет на фискален одговор на кризата“, посочија од Светска банка.
Ако е така, а нема причина да се сомневаме во оцените на банката, тогаш се поставува логично прашањето зошто со толкава помош Македонија има највисока стапка на инфлација меѓу земјите од регионот и една од највисоките во Европа, а наспроти тоа, според растот на домашниот бруто – производ е на опашката, меѓу земјите со понизок раст на БДП.
Дали оваа помош се употребила целисходно од страна на оние на кои им била наменета за поголемо производство и за пониски цени или пак отишла за други намени? Тоа треба да се провери со сериозна анализа и контрола од страна на надлежните институции, иако повеќе ќе помогне да се извлечат некакви поуки, отколку што ќе може нешто пост фестум да се поправи, па дури и да се побара назад дадената поддршка која што е злоупотребена.
Примери за такво нешто имаше и со поддршката за платите која што ја добиваат фирмите, а која што во некои од нив наместо кај вработените, завршуваше на контото на сопствениците.
Пожарот ќе се гаси и наредната година, за кога е предвидено да се зголемат минималната плата и пензиите, но колку тоа реално ќе го одржи или подобри стандардот на овие најзагрозени категории граѓани ќе зависи пред сѐ од натамошниот раст или стабилизирање на инфлацијата, а особено на основните прехранбени производи.
Прогнозите во доменот на економијата денеска се можеби нај неблагодарната работа на светот. Во изминатиот период дури и некои од најголемите економисти на планетата не се прославија со нивните предвидувања за растот и опстојувањето на инфлацијата, како и за избегнување на рецесијата.
Сепак, тоа не значи дека надлежните треба да седат со скрстени раце и да чекаат што ќе донесе денот. Напротив, потребни се сценарија што да се прави во различни услови на пазарот.
Една од дилемите што се наметнува во моментов, е какво влијание врз македонската економија ќе има сега веќе извесното влегување на дел од земјите на ЕУ во рецесија, а особено на Германија, со оглед на обемот на надворешно-трговската размена со нив.
Европската комисија во есенската прогноза предвидува пад на БДП во повеќе економии во последниот квартал годинава и во првиот квартал наредната година, ако резултат на високите цени на енергенсите, растечките трошоци за живот, високите камати и забавувањето на глобалната трговија.
Прогнозите за економски раст во наредната година се ревидирани надолу за повеќе од еден процентен поен, од 1,4 на 0,3 отсто, а се смета дека инфлацијата годинава ќе достигне 8,5 отсто, за во 2023 година да се намали на 6,1 отсто, што во однос на претходните проекции е зголемување за еден процентен поен за годинава и за над два проценти за 2023 година
Песимизмот особено се однесува за германската економија за која што се предвидува дека „се движи кон рецесија“, иако за цела 2022 година се очекува БДП да има раст од 1,6 отсто и 0,6 отсто во 2023 година, за да се зголеми на 1,4 отсто во 2024 година, Сето ова во амбиент на висока инфлација која во октомври се искачи на рекордни 10,4 отсто, по септемвриските 10 отсто, што според германската статистика е највисоко ниво уште од од обединувањето на земјата. ЕК очекува дека поради ефектот од пренесување на големопродажните цени на енергијата, инфлација и во 2023 година ќе се одржи на високи 7,5 отсто.
Овие прогнози претставуваат ризик и за македонската економија којашто најголемиот дел од извозот го насочува на германскиот пазар, иако, по сѐ изгледа ќе го избегне најцрното сценарио да влезе во рецесија. Такви се барем процените кои ги искажаа претставниците на Светска банка на презентацијата на извештајот за земјите од Западен Балкан, ревидирајќи ја на тој начин претходната прогноза за можна рецесија во земјава.
Инфлацијата е и жешка политичка тема. Додека од Владата се правдаат дека таа е висока и во другите европски земји, како и дека се должи на увозната компонента, пред сѐ на цените на енергијата, опозицијата смета дека е резултат на лошите политики, задоцнетите мерки, експанзивниот буџет, ненавремената реакција на Народната банка.
Интересно е што и во други земји сметаат дека реакциите на нивните централни банки биле задоцнети и недоволно остри. Дури и во Америка, каде што се чини дека инфлацијата го достигна пикот и почнува да го губи здивот, има такви размислувања кај економистите.
Трендот на зголемување на основните каматни стапки не ја заобиколи и Македонија. Дилемата не е дали доколку Народната банка одеше поагресивно во таквото зголемување ќе ја совладаше инфлацијата, туку што ќе останеше од стопанството и од граѓаните кои се задолжени кај банките, особено со станбени и друг вид на кредити со променливи каматни стапки.
Од друга страна треба да се има предвид и дека „каскањето“ на каматите зад инфлацијата значително ги обезвредни заштедите на граѓаните и депозитите на фирмите.
Времето на евтини пари е минато, банките веќе ја менуваат стратегијата скусувајќи ги периодите за кои даваат кредити со фиксна камата, а оние со променлива треба да очекуваат зголемување на ратите што ги плаќаат.
Сето ова покажува колку е сложена битката со злото наречено инфлација и зошто меѓународните финансиски институции постојано повторуваат дека макроекономската стабилност е најдобриот амбиент за економски раст.
Не дека некој не ќарува и во сегашната ситуација. Но, тоа повеќе наликува на текстот на песната „Блуз на матната вода“, каде што меѓу другото се вели „матната вода на многумина им годи…“.