Како да ја продолжите свежината на печурките


Печурките се вкусна и здрава храна која може да се додаде во тестенини, салати или да се користи во рижото, но и сами. Меѓутоа, често се случува да ги заборавиме во фрижидер.

Доколку сакате да ја продолжите свежината на печурките, еве неколку корисни совети како правилно да ги чувате за да можете подолго да ги користите во вашите омилени јадења.

Елиот Веб, основач на Urban Farm-It и автор на книгата Growing Mushrooms at Home, препорачува едноставен трик.

– Ставете ги цели, неизмиени печурки во кафена хартиена кеса и стиснете го горниот дел за да се запечати. Хартијата го впива вишокот на влага и го спречува создавањето на слуз – објасни Елиот.

Ослободете се од пластичната амбалажа

– Доколку немате хартиена кеса, можете да ги завиткате печурките во хартиени крпи и да ги ставите во сад, па во фрижидер. Овој метод го намалува и таложењето на влага и помага да се зачува свежината – пишува Express.co.uk.

Веб предупредува и за пластика.

– Пластичната амбалажа ја задржува влагата, што го забрзува расипувањето на печурките. Доколку печурките се во пластична амбалажа, веднаш префрлете ги во хартиена кеса или завиткајте ги во хартиени крпи – рече тој.

За најдобри резултати, важно е печурките да се користат навреме.

Целите печурки можат да траат и до една недела ако се складираат правилно, додека исечените печурки треба да се консумираат во рок од три дена.