Како Ангел Димитров ја менува и европската историја за холокаустот
Повеќе европски земји одбија да ги спроведат нацистичките барања за депортација на Евреите. Окупираната Албанија стана безбедно засолниште за Евреите

Копретседателот на македонско-бугарската историска комисија, Ангел Димитров, побрза како некаков официјален претставник на бугарската држава да ги оцени вчерашните зборови на македонскиот претседател Стево Пендаровски за улогата што ја имаше тогашната профашистичка влада во Софија како „несериозно“. „За да има помирување треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи“, рече Пендаровски пред поменикот во скопскиот Монопол каде што беа собрани сите Евреи од Македонија во март 1943 и потоа депортирани во Треблинка.
Во екпресната изјава на Димитров за бугарската агенција БТА тој рече дека „да се зборува така за Бугарија е крајно неприфатливо, дури и некоректно од страна на политичар со огромна одговорност, чија цел треба да биде воспоставување добри дипломатски односи меѓу нашите две земји“. Димитров уште додава: „Депортацијата се случи на изрично инсистирање и под контрола на претставници на нацистичка Германија“. И уште дека Бугарија тогаш не владеела со тие територии што ги окупираше, туку дека само ги администрирала. А Евреите биле „државјани на Југославија“, бидејќи тогаш немало македонска држава.
Нема тука ништо ново од класичната бугарска социјалистичка историографија, иако професорот Ангел Димитров веројатно ги видел фотографиите од скопскиот Монопол на кои се гледа како Александар Белев, шефот на бугарскиот Комесаријат за еврејски прашања, лично го надгледува собирањето на македонските Евреи. Бидејќи Комесаријатот беше оддел на бугарското министерство за внатрешни работи депортацијата беше под строг надзор на владата во Софија, а не „под контрола на претставници на нацистичка Германија“.
Друг дел од изјавата на Димитров е посебно важен, во кој историчарот искажува „историски вистини“, кои во значајна мерка се историски невистини. „Бугарија е единствената земја во Европа која, од една страна, беше сојузник со нацистичка Германија, но не подлегна под нејзиниот притисок и ги спаси сите свои Евреи“. Тоа, едноставно, не е така, па таа изјава посредно ги става под сомнеж и тврдењата што Димитров ги изнесува на седниците на историската комисија како „историски вистини“.
Во повеќе земји во Европа немаше депортации на Евреите, а некои, како Италија во времето кога таму на власт беше Бенито Мусолини и земјата беше дел од Тројниот пакт, ги зачува своите еврејски граѓани и покрај големиот притисок на нацистички Берлин.
Еве ги примерите кои се познати на секоја европска историографија.
Албанија беше единствената земја во Европа за време на Втората светска војна која во тие години го зголеми бројот на Евреите речиси за десет пати. Само благодарејќи на албанските водачи и на нејзиниот народ, кој има мешано муслиманско и христијанско население и традиција на толеранција – Албанија стана безбедно засолниште за Евреите. На почетокот од војната Албанија имаше 800.000 жители, а од нив само 200 беа Евреи. Израелскиот музеј на холокаустот „Јад Вашем“ го става албанскиот пример како еден од најсветлите: „По доаѓањето на Хитлер на власт во 1933 година, многу Евреи најдоа засолниште во Албанија. Не постојат точни бројки за нивниот број; сепак, различни извори проценуваат дека 600-1.800 еврејски бегалци влегле во таа земја од Германија, Австрија, Србија, Грција и Југославија, со надеж дека ќе продолжат кон земјата на Израел или други места за прибежиште“, пишува „Јад Вашем“.
Италијанските експедициски сили во април 1939 ја окупираа Албанија и таа стана протекторат на Италијанското кралство во персонална унија со италијанската круна. По падот на Мусолини во септември 1943 Албанија беше окупирана од Германија. Нацистичките водачи бараа од локалните власти да ги предадат списоците на Евреите, и на тие што живееја таму и тие што во Албанија најдоа безбедно прибежиште. Но албанското население со еден храбар гест одби да ги исполни наредбите на окупаторот да ги предаде списоците на Евреите кои живеат во границите на земјата. Покрај тоа, различните владини агенции им дадоа на многу еврејски семејства лажна документација што им овозможи да се мешаат меѓу останатото население. Албанците не само што ги заштитуваа своите еврејски граѓани, туку обезбедија и засолниште за еврејските бегалци кои пристигнаа во Албанија, кога таа сè уште беше под италијанска власт, а сега се најдоа соочени со опасност од депортација во концентрациони логори.
Речиси сите Евреи кои живееја во албанските граници за време на германската окупација, оние со албанско потекло и бегалците, беа спасени, освен петмина членови на едно семејство. Во Албанија на крајот на војната имаше повеќе Евреи отколку претходно.
Како еден од основачите на Тројниот пак Италија иако беше верен сојузник на Хитлер таа, за времето на Мусолини, не сакаше да ги исполни барањата на Берлин за собирање и депортација на Евреите, кои во тоа време ги имаше 50.000 во земјата. Под притисок на Германија владата на Мусолини во 1938 година усвои законодавство слично на она што подоцна беше донесено во Бугарија, со кое се отстрануваа Евреите од владините служби, се забрануваа венчавки меѓу Евреите и не-Евреите, се исфрлаа од вооружените сили…
Иако законодавстцвото беше грубо на хартија, во стварноста тоа беше полно со широки исклучоци. Беа формирани кампови за интернација, но како што пишува Меморијалниот музеј на холокаустот во САД „дури и во логорите за интернација, Евреите од странска националност живееја под подносливи услови: семејствата остануваа заедно, а логорите обезбедуваа училишта, културни активности и социјални настани“. Италијанските воени власти генерално одбија да учествуваат во масовни убиства на Евреи или да дозволат депортации од Италија или територијата окупирана од Италија; а фашистичкото раководство не можеше и не сакаше да го форсира ова прашање.
Ситуацијата за Евреите се влоши откако капитулираше режимот на Мусолини, а Германија веднаш ја окупираше Италија од Неапол па на север до Алпите и тогаш почнаа тешките времиња за Евреите. Особено за оние 43.000 што беа на тие територии. До капитуалцијата на Германија околу 8.000 Евреи ги загубија животите или беа депортирани во логорите од териториите окупирани од Германија.
Финска одби да ги депортира sвоите Евреи во Германија и покрај изричитите барања на нацистите. Одговорот на владата на овие барања беше дека „Финска нема еврејски проблем“. Финска беше сојузник на Германија во првите години на Втората светска војна, особено поради поразот од Советскиот Сојуз во Зимската војна 1939 и губењето на голем дел од територијата. Во Финска тогаш имаше околу 2.000 Евреи.
Наводно, кога шефот на СС, Хајнрих Химлер, го поставил еврејското прашање во разговорот со со премиерот Јохан Вилхелм Рангел во средината на 1942 година, Рангел одговорил дека нема еврејско прашање во Финска. Рангел изјавил земјата имала 2.000 почитувани еврејски граѓани кои се бореле во војска исто како и сите други и со тоа го затвори прашањето за дискусија. Германците не притискаа повеќе, бидејќи се плашеа да ја изгубат финската соработка против Советите. Финска сепак испорача Евреи, но тоа беа Евреи од советската армија држени како воени заробеници од Зимската војна. Тие малкумина Евреи потоа исчезнаа во германското заробеништво. Кон крајот на 1944 година Финците почнаа да војуваат против Германците.
Дури ни диктаторискиот режим на Франко во Шпанија (кој победи во Граѓанската војна со германска помош), ни автократската влада на Sалазар во Португалија не се повинуваа на притисокот на Берлин. Шпанија, а особено Португалија, станаа главната рута за бегство на Евреите од нацистичкиот погром. Двете земји некогаш ќе попуштеа под некаков притисок на нацистите, но генерално издаваа визи за прогонетите Евреи кои преку Лисабон заминуваа во стотици илјади преку океанот во двете Америки.
Инстантната реакција на Ангел Димитров наиде на горчлив прием и кај негови колеги бугарски историчари. Димитар Атанасов од Институтот за етнологија при Бугарската академија на науките во разговор за „Локално“ рече дека „ако пред повеќе од една деценија Германија покажа зрелост и се извини за депортацијата на Евреите од Македонија за време на Втората светска војна, Бугарија сѐ уште е во инфантилна фаза на развој“. Тој додаде дека „штета што голем дел од бугарските историчари, вклучително и претставниците на Бугарија во Мешовитата комисија, очигледно со мнозинство, стојат зад застарена гледна точка што нѐ осудува да изгледаме како диносауруси и на историско поле и во меѓународните односи, кога станува збор за разбирање на минатото како генератор на ставови за денес“. И заклучи: „Да се тврди дека институциите се невини кога депортацијата била извршена со потписи на бугарски државници е манифестација на идеолошки мотивирано слепило. Не можеме да кажеме дека тревата не е зелена“.