Како Алијансата го отвора патот за ДУИ


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

Непотребно, АА/А се радикализираат повторно кон границите, за кои на изборите лани во јули се трудеа да убедуват оти ги оставиле зад нив. Можеби мислат дека таквата радикализација може да им донесе повеќе успех на изборите наесен

 

Во фонот на опозициското бомбардирање на Владата поради софтверот на Драган Рашковски, првите непосредни избори за претседател на една партија во Македонија (СДСМ), рашомонијадата околу вакцините, масовното ширење на британската варијанта на корона вирусот, преполнетите болници – сите како да обрнуваат мало внимание на блокираното Собрание. Тоа последниов месец редовно е во вториот или третиот појас на вестите во телевизиите и подлабоко во весниците. Во Собранието, освен некои комисии, пленарните седници се откажани најмногу од здравствена причина – неколкумина пратеници од владејачкото мнозинство се во изолација поради корона вирусот и целата законодавна активност е блокирана. До кога, никој не би можел да каже. Опозицијата бара од мнозинството да ги обезбеди пратениците, а знае дека заболените од Ковид-19 треба да се лечат а не да доаѓаат на седници. И така во круг.

Во ова вртење во круг она што го прави коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива изгледа како целосно нелогично, аполитично и надвор од контекстот на времето и настаните. Во основа, такво и е. Блокирањето на донесувањето на законите со десетици илјади амандмани можеби има логика за партијата, но нема логика за граѓаните. Објаснувањето за нивната блокада за некого изгледа како уцена, за друг неразумен услов во време кога целата држава (како и другите европски земји) е во ужасен грч поради пандемијата, новозаболените, осиромашувањето, губење на работните места… Коалицијата АА/А поднесе законски предлог за менување на процедурите за стекнување државјанство. Според тој предлог, државјанство би се стекнувало со изјави на три лица, сведоци. Секако дека овој предлог е надвор од сета возможна и призната практика во Европа. Доколку таков предлог се достави во некој од европските парламенти јавноста ќе се прашува дали тие што се залагаат за тоа ќе имаат воопшто право да се занимаваат со политика. Но таквиот волунтаризам овде треба да се претстави како врвна политичка стратегија, затоа што, убедуваат од АА/А, тие ќе го блокираат секој закон што доаѓа во Собранието, ако не се прифати нивниот предлог.

И тоа го прават. Пред некој ден, АА/А поднесоа огромен број од 19 илјади амандмани за десет предлог-закони во Комисијата за финансирање и буџет. Меѓу нив е и оној од петтиот пакет за економска помош и распределбата на 6.000 денари за 23.000 граѓани. „Целта е да го спречиме сегрегацискиот третман на граѓаните“, рече пратеникот од Алијансата, Елми Езири.

Со тоа тие нема да го спречат „сегрегацискиот третман“ – тие само ќе му дадат дополнителна доза на неправда. Оние што страдаа најмногу во кризата ќе треба да страдаат уште повеќе. Оние што релативно добро економски ја поднесуваат така и ќе продолжат. Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, во еден неодамнешен разговор за Дојче веле велеше дека кај нив има незадоволство и во некоја рака гнев затоа што Владата не го прифатила нивниот предлог-закон и што ВМРО-ДПМНЕ го блокирало со амандмани.

„Јавноста треба да знае дека правото на државјанство е побитно од правата што произлегуваат од други закони. Бидејќи, ако немате право на државјанство, немате никакви други права“, објаснуваше Гаши. Чудни се овие објаснувања на Гаши. Како што е чудно и толкувањето дека со амандманите „не се подобрува пристапот на ВМРО-ДПМНЕ кон Албанците. Прават голема грешка“. Зошто Гаши ги става Албанците во позиција на некаква невеста на која треба да ѝ се додворуваат македонските политички првенци, наместо да елаборира проекти за заедничка граѓанска држава во која ќе се применуваат европските принципи и легалистички правила. Нека најде Гаши само еден пример во Европа каде државјанство се добива со три сведоци, нека го изложи во јавноста и тоа ќе биде добра можност за дебата. Но таква потрага уште од првиот миг ќе заврши со неуспех.

Политичарите во многу случаи знаат да одлучуваат за многу работи за кои поголемиот дел од јавноста може да има сосем поинакво мислење. Тоа не мора да се означи како непростлив грев, ако произлегува од идеолошката концепција и ставови. Прашање е што би можело идолошки да се извлече од блокирањето на Собранието со веќе 32.000 поднесени амандмани.

За некои работи во коалицијата на Алијансата и Алтернатива треба сериозно да размислуваат. Со оваа ултимативна политика многу е поголема шансата да ѝ го отворат широкиот пат на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за голем успех на локалните избори, отколку што тие се надеваат дека ќе спечалат нешто повеќе. Одамна е познато дека првенците на Алијансата гледаат во некаков модел-пример во Албин Курти од Косово. И дека би сакале да го повторат неговиот изборен успех. Но, за нивна жал, тие не можат да видат дека македонското општество има многу малку допирни точки со косовското. Не само што важат други политички односи, туку овде има и друга општествена интеракција.

Непотребно, АА/А се радикализираат повторно кон границите за кои на изборите лани во јули се трудеа да убедуваат оти ги оставиле зад нив. Можеби мислат дека таквата радикализација може да им донесе повеќе успех, но да не се најдат во чудо наесен ако ДУИ конечно ги нареди во низата на нејзините изборни „жртви“. ДУИ е клановски и интересовно поделана, нема одредени идеолошки цели, туку има само еден императив – да биде дел од власта и кон него подредува сѐ. Тоа високоразвиена технологија за опстојување, а при тоа секогаш да се извлече секаков вид корист. Во таа политичка технологија таа се обидува да се претстави и како заштитник на интересите на зедницата, но и да мисли на целото општество. Секако дека тоа е само малку точно, но тоа е стратегијата на ДУИ. Во изградбата на таа стратегија сега Алијансата и Алтернатива ѝ помагаат на ДУИ, поради тоа што не можат да се помират со фактот дека загубија на последните избори, при тоа упорно тврдејќи дека биле ограбени. Можеби е така, иако тоа не се докажа ни во ДИК ни во Управниот суд.

И тоа веќе забележливо ги носи во зоната на лутање. Фати се за оној плот, па префрли се кон другиот – сѐ во корист на сопствената штета. А во заднината трпеливо чека Мендух Тачи за да им каже на албанските гласачи: Ви реков дека ова е една дружина која нема политички и идолошки концепт, туку само желба за одмазда, па време е да се вратите онаму од каде што привремено избегавте.