Каја Калас: Влегувањето на Албанија во ЕУ до 2030 е реална цел


Каја Калас

 

Пристапувањето на Албанија во Европската унија до 2030 година може да биде реална цел доколку се спроведат неопходните реформи, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас на прес-конференција во Тирана.

Според неа, владеењето на правото во Албанија е исклучително важно, бидејќи владеењето на правото е во основата на Европската унија.

Албанскиот премиер Еди Рама на заедничката прес-конференција со Калас рече дека во фокусот на нивните разговори е влезот на Албанија во Европската унија. Тој ја изрази амбицијата на Албанија да ги заврши пристапните преговори до 2027 година.

Рама рече дека потоа се предвидува двегодишен период на ратификација, кој треба да заврши со пристапување на земјата во блокот.

Според албанскиот премиер, на овој процес ќе му помогне фактот што Албанија целосно ја усогласила својата надворешна политика со онаа на ЕУ.

Албанија официјално ги започна преговорите за членство во ЕУ на 15 октомври 2024 година, потсетува Радио Слободна Европа. Земјата ги отвори преговарачките поглавја по долго чекање, откако аплицираше за членство во 2009 година и доби статус на земја-кандидат за влез во блокот во 2014 година.

„Нема да мируваме додека не влеземе низ вратата на Европската унија и не седнеме околу истата маса како што прави Европската унија“, рече тој.

Албанија е дел од планот за раст на блокот и се очекува да добие повеќе од 920 милиони евра во следната деценија.

Калас и Рама зборуваа за важноста на стабилноста во регионот, нагласувајќи ја потребата од нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

За време на посетата на Калас на Тирана, беше потпишан и договор вреден 90 милиони евра за финансирање на стратешкиот проект за железничката линија Драч – Рогожина, која е дел од Коридорот 8, што ја поврзува Јужна Италија со Црното Море во Бугарија преку Албанија и Република Северна Македонија.

Според албанскиот премиер, оваа делница е клучна артерија што ќе ја „поврзе Албанија со европската транспортна мрежа и дополнително ќе ја зајакне нејзината улога“ како поврзувачки јазол во регионот.

Проектот за железница меѓу албанскиот приморски град Драч и градот Рогожина во централна Албанија е дел од реконструкцијата на железничката инфраструктура во земјата.

Железничката мрежа на Албанија е застарена и нема големи инвестиции од нејзиното пуштање во употреба, потсетува медиумот. Речиси секаде максималната брзина со која возовите се движат по него е 60 km/h.

Делницата е дел од пругата во должина од 136 километри што стигнува до границата со Република Северна Македонија, каде што е планирана изградба на уште еден сегмент од 2,8 километри за имплементација на прекугранична железничка линија меѓу двете земји.

Посетата на Калас на Тирана е нејзина прва откако ја презеде функцијата висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и е дел од нејзината турнеја низ Западен Балкан во периодот од 7 до 9 април. Таа вчера беше во посета на Црна Гора, а последната станица при посетата се очекува да биде Босна и Херцеговина.