Кај Гоце Делчев ќе се влегува само со најава и според распоред


И покрај шпекулациите  и драматизирањата како ќе се одвива утре чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, од тоа дека гостите од Бугарија ќе добијат ВИП третман, до тоа дека ќе ги чува  бугарска полиција, од МВР вчера јасно порачаа дека за целата организација на настанот  е одговорна нашата држава и дека секој што ќе се обиде да испровоцира инцидент ќе биде спречен во тоа.

Заради подобар тек на настанот од МВР подготвуваат распоред на делегациите по кој ќе се одвива чествувањето, а во Св.Спас ќе можат да влезат и да положат цвеќе само тие што пријавиле однапред и максимум по тројца во делегациите. Тоа значи дека колку и да дојдат од Бугарија не ќе можат сите да влезат во црквата, туку ќе бидат преставени од трочлена делегација, а тие што не се најавени, нема да можат да го сторат тоа. 

Од Левица пак го тврдат спротивното, барајќи на бугарските преставници да не им биде дозволено воопшто да се доближат до гробот на Гоце Делчев – бидејќи на нашите претставници на чествување во Бугарија не им било дозволено истото. 

-Кога се отвораше македонскиот културен клуб во Горна Џумаја (денес Благоевград), во програмата беше вклучено движење на поворката на неколку локации, една од нив беше положување на цвеќе од страна на Македонците на споменикот на Гоце Делчев. Тогаш, од страна на бугарската полиција, на делегациите од поворката не и беше дозволено ниту да се доближи на споменикот на Гоце Делчев, а не да положи цвеќе (поради безбедносни причини). Истовремено, таму беа распределени навивачки групи, кои по повик на Ангел Џамбаски, требаше да направат инцидент (да не’ тепаат) доколку Македонците „се доближат“ до споменикот на Гоце. Да констатираме, бугарската полиција ги заштити сопствените навивачки групи од инцидент, не дозволи на Македонците да се доближат до споменикот на Гоце, а во ЕУ и во Бугарија, никој не виде или оцени омраза од страна на Џамбаски, ниту пак сегрегација или дискриминација врз Македонците во Бугарија, тврдат од Левица. 

 

Од Левица посочуваат дека полицијата веќе неколку дена патролира масовно околу сите приоди кон црквата Свети Спас и дека најавила „доколку Македонците се соберат во поголем број и се обидат да дојдат околу гробот на Гоце, таа ќе интервенира жестоко (против својот народ), а доближување до гробот ќе добијат само официјално пријавените делегации“.

Од партијата не кажуваат дали некој ги спречува воопшто тие што сакаат да се пријават уредно за чествувањето, но затоа тврди дека правилата што ќе важат за македонските граѓани нема да важат и за тие од Бугарија, односно дека сите што ќе дојдат и без оглед колку ќе дојдат ќе можат да се доближат до гробот на Гоце Делчев: 

-Да констатираме, за разлика од бугарската полиција која не дозволи Македонците во Бугарија да се доближат до споменикот на Делчев, македонската полиција во Македонија ќе обезбедува слободен приод на Бугарите од Бугарија до гробот на Гоце. Истовремено на Македонците кои се надвор од делегациите нема да им дозволи пристап ниту близу црквата! Македонските, бугарските и авторитетите на ЕУ, секој кој повикува да се дојде на гробот на Гоце надвор од делегацијата (или ќе биде таму присутен) се линчува како насилник, дискриминатор, небањат или како што уште не. Да повториме: Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови изроди како македонскиот, порачаа од Левица која од власта се посочува отворено како еден од провокаторите во државата заради политички рејтинг.

Наспроти ваквото долевање оган, Клубот за бугарско-македонско пријателство упати повик во врска со, како што наведуваат, засилените обиди за минирање на односите меѓу двете земји во пресрет на одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Клубот за бугарско-македонско пријателство повикува на мирно одбележување на оваа годишнина.Тие бараат владите на Бугарија и Северна Македонија веднаш да го спроведат механизмот за намалување на тензиите и идентификување на манифестациите на омраза, усвоен минатата година меѓу двете министерства за надворешни работи.

– Да не се дозволи инцидентите и провокациите да ги оддалечат меѓусебните односи од политички рамки – „Договорот за добрососедство“ и „францускиот предлог“, како и од нашите заеднички цели – постигнување целосно разбирање и европско членство за Македонија“, се вели во апелот. Овие цели, според членовите на Клубот, може да се постигнат само доколку се маргинализираат круговите што сеат омраза, преку сеопфатни процеси на зближување – социјално, инфраструктурно, културно, медиумско и економско поврзување меѓу двете земји. Тогаш ќе биде невозможно демонизирањето или подметнувањето лажни идеи. Нагласуваат дека е крајно време да се преземе решителна акција и да се изолираат од процесот луѓето и организациите кои се противат на зближувањето.

Клубот го изразува своето уверување дека огромното мнозинство од општествата на двете земји се луѓе со европски вредности кои меѓусебно се почитуваат и разбираат. Тие треба да бидат основа и мерило за билатералните односи, а не поединечни радикализирани елементи и политичари кои бараат тема за сопствен политички опстанок.

– Единствениот начин да ја покажеме нашата почит кон личностите кои не поврзуваат е како нивни наследници да им ја покажеме нашата братска љубов и поддршка, се вели во обраќањето.

Клубот за бугарско-македонско пријателство го поздравува и неодамнешниот апел од поранешниот претседател на Бугарија Петар Стојанов и потомците на семејствата на дејците од Македонија за смирување на тензиите.

Инаку, министерот Оливер Спасовски  вчера повтори дека утре, на самата граница, ќе одлучат дали некому ќе му забранат влез во Македонија. За најавите дека ќе дојдат околу 150 лица од Бугарија рече дека разменуваат податоци со колегите од Софија.

„Македонската полиција постапува самостојно, по претходно изготвен оперативен план и е подготвена во целост, не само за овој настан, туку за сите настани, не само за оваа пригода, туку за сите пригоди, во било какви услови – да направи сѐ за да ги сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните“, изјавија од МВР.