„Кафе Милер“ на Пина Бауш ексклузивно во Кинотека


На 27 април, во 20 часот, започнува проектот „Театар на платно“, соработка на компанија „Артактум“ и Кинотеката на Македонија, со претставата „Кафе Милер“ на легендарната кореографка и танчарка Пина Бауш. Претставата е снимена во 1985 година и во неа глуми и самата Пина Бауш.

Овој четврток „Артактум“ овозможува ексклузивно да ја видиме оваа претстава на големо платно во Кинотеката. По претставата ќе се отвори разговор меѓу публиката и гостинките: Искра Шукарова, кореографка и професорка при ФМУ – УКИМ катедра за балетска педагогија; Бранка Костиќ-Марковиќ, музиколог и уметничка раководителка во НУ „Танец“, и Искра Гешоска, програмска уредничка на „Контрапункт“ и на КРИК – платформа за критичка култура.
Станува збор за снимената театарска претстава на Пина Бауш „Кафе Милер“.

Филмот е снимен во 1985 година, со времетраење од 50 минути, во режија на Пина Бауш, со танчарите: Малу Аjродо, Пина Бауш, Доминик Мерси, Jан Минарик, Назарет Панадеро, Жан Лоран Саспорте.

Театарската претстава на „Танцтеатер Вупертал“ е поставена во 1978 година и се базира на личните детски и младешки спомени на Пина Бауш. Дејството се одвива во празно кафуле, каде што луѓето што ја изгубиле надежта и способноста за љубов ја преживуваат својата осаменост. Пина танцува токму за оваа осаменост… Танцот станува главно средство за изразување на внатрешниот свет на личноста и нејзините искуства.
На 14 години започнува студии по танц на високата школа „Фолкванг“ во Есен. Студиите ги продолжува во Њујорк, а во 1962 година се враќа во Германија и настапува како солистка во балетот „Фолкванг“. Во 1973 година Пина Бауш во Вупертал стана најмладиот шеф на балет во Германија. Нејзините поставки ги одушевуваа еднакво и публиката и критичарите.