Каде исчезнаа заљубените од ротондата на љубовта на плоштад?


Ротонда на заљубените (Фото: Б. Грдноски)

На плоштадот „Македонија“, пред десетина години беше изградена ротонда – летниковец, а централно место зазема скулптурата на двајца заљубени.

Но, деновиве скулптурата ја нема. Дали е отстранета поради обновување на урбаните елементи што евидентно е почнато по плоштадот и по улица „Македонија“, од Град Скопје не одговараат. Во МВР пак не е пријавена кражба.

Ротонда на заљубените (Фото: Б. Грданоски)

Ротондата беше изградена од „Бетон АД”- Скопје, а подизведувач е „Матео дизајн”. 

Ротонда на заљубените со скулптурата (Фото: Б. Грданоски)

Инаку, отстранети се и полукружните клупи кои на улица „Македонија“ беа поставени околу дрвјата. Дали ќе се обноват или воопшто нема да ги има повеќе, информација нема.

Отстранети клупите на плоштад (Фото: Б. Грданоски)

Исто така, се заменуваат и кантите за отпадоци, а новопоставените се исти како кантите за отпадоци поставени на неодамна реновираниот булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“. На овој потег, пред извесно време, Град Скопје најави реконструкција на делови од плочникот, каде се израмнуваа плочките за да не се сопнуваат минувачите.

Улица „Македонија“ (Фото: Б. Грданоски)

Работите ги изведуваа екипите на ЈП „Улици и патишта“, по налог на Град Скопје.

Активностите кои што тиe ги изведуваа при санирањето на оштетените плочи се на потегот од крстосницата со улица „Димитрие Чуповски“ до крстосницата со улица „Даме Груев“. По целиот овој потег на улицата „Македонија“ се вршеше отстранување на оштетените и пропаднати плочи, рамнење на подлогата и повторно враќање подредување на плочите.

Саниран беше и просторот околу споменикот на „Цар Самоил“, а продолжија со санација на останатата оштетена површина од улицата, со цел безбедно движење на пешаците во центарот на градот.