Каде е „многувековниот идентитет“ во седумте амандмани на извештајот на ЕП?

Ова е вторпат како владата на ВМРО-ДПМНЕ бара спас во Преспанскиот договор за да стави „печат“ на македонскиот идентитет


Известувачот за Македонија во ЕП, Томас Вајц

 

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве ја крена тензијата на релација Бугарија-Македонија, најавувајќи дека во среда во Брисел ќе биде презентиран извештајот за Македонија на Томас Вајц во кој за првпат ќе се зборува за „посебниот многувековен македонски идентитет и посебниот македонски јазик“, а не тој од 1945 година – и тоа поврзан со нацијата, а не со територијата на државата.

Најавата беше толку спектакуларно кажана што се стекна впечаток дека Мицкоски ќе добие „печат“ од Европскиот парламент за јазикот и идентитетот наспроти бугарските оспорувања и дека ќе успее во нешто што не успеаја тие што беа претходно на власт во Македонија.

Иако извештаите на ЕП немаат правна тежина, односно не се обврзувачки за земјите членки туку одразуваат расположение во оваа институција, ова се први реални потези на власта навидум за да ја поттурне евроинтеграцијата, па вреди да се погледнат.

Според она што може да се види од предлог извештајот на Вајц, станува збор за седум амандмани понесени од него и од други европратеници  кои содржат една иста додавка – „со целосно почитување (признавање) на македонскиот јазик и идентитет (или обратно)“, со исклучок на еден (82) во кој стои:

„Се афирмира важноста од недвосмислено признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како интегрален дел од наследството на земјата, на уставниот поредок, но исто така и на европските вредности; Се забележува дека ЕУ институциите во своите извештаи за земјата и во официјалните документи постојано упатуваат на македонски јазик на линија со меѓународното признавање  и со имплементацијата на Преспанскиот договор; Се реафирмира дека почитувањето на јазичниот, културниот и национален идентитет е фундаментална компонента  на ЕУ интегративниот процес и основа на демократските општества…“   

Практично, освен што се повикува на Преспанскиот договор со кој е признат македонскиот јазик и идентитет и кој е основа за ЕУ, во овие амандмани (од кои, патем, последниот може и да не биде изгласан) нема никакви вековни квалификации, никакви историски одредници, никакви политички гаранции, односно нема „печат“  за идентитетот и јазикот посилен од тие што веќе ги има Македонија во досието.

Единствено што е цврсто од изјавата на премиерот деновиве е неговата закана дека „додека не види Македонец во Комитетот за малцинства во Бугарија, нема да се помрдне ни милиметар“ во остварувањето на уставните измени што ги бара Европската унија. 

Известувачот за Македонија, Вајц, за „360 степени“ ги објасни амандманите на кои се повика Мицкоски, а што ги претстави како тест за идното однесување на Бугарија.

„Во нацрт-документот, таков како што е сега, има неколку референци за признавање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Лично ми е жал што е потребно ова, бидејќи нема сомнеж дека Македонците се Македонци и дека македонскиот јазик е македонски јазик. Лично, не би гледал потреба тоа да се каже. Но, поради некои прашања што беа поставени, особено од бугарската страна, дека македонскиот е независен јазик што се разликува од бугарскиот и дека македонскиот идентитет беше доведен во прашање не само од бугарските соседи, туку и порано од грчките соседи, потребно е да се спомене ова – и тоа е вклучено во нацрт-извештајот. Јасно се споменува реалноста на независниот македонски идентитет и јазик“, рече Вајц.

Запрашан дали очекува да поминат амандманите и дали лично има притисоци од бугарските европарламентарци, тој рече дека очекува да има „мнозинство за конструктивен извештај“, бидејќи има големо мнозинство групи во Европскиот парламент што го поддржуваат процесот на пристапување на Северна Македонија.

„Мислам дека тоа ќе резултира со големо мнозинство. Не можам да негирам дека бугарските членови на Европскиот парламент се незадоволни со текстот. Тие, исто така, тоа јавно го изразуваат во бугарските медиуми. Одат дотаму што дури и сум лично нападнат дека сум пристрасен. Има дури и случаи каде што се тврди дека сум корумпиран од Северна Македонија, што целосно ги отфрлам. Нема никакви плаќања, никакви услуги, ништо. Се обидував, заедно со колегите либерали, социјалдемократите и Европската народна партија, да изготвиме реалистичен извештај за ситуацијата во која се наоѓаме. Исто така, спомнав инциденти на говор на омраза, злосторства од омраза против различни групи. Ова, за жал, го гледаме и во различни држави. Исто така, интензивно се обидував да ги вклучам бугарските членови на Европскиот парламент и нивните легитимни барања, исто така да се спомене бугарската заедница. Во мојот нацрт е спомената еднаш дури и конкретно како бугарска заедница. Така што, навистина се обидував да изготвам балансиран извештај кој им овозможува на нашите бугарски колеги да се откажат од нивната блокада на процесот на пристапување и да се приклучат на конструктивниот курс. Сè уште се надевам дека при гласањето следната недела ќе се приклучат на конструктивниот курс во поддршка на нивната соседна земја, Северна Македонија, за приклучување кон Европската Унија“, соопшти Вајц.

Но, тој не сакаше да потврди дека реферирање на македонскиот идентитет и јазик треба да се толкува како исполнување на барањето од властите во Скопје за носење документ од Европскиот парламент со кој ќе се афирмираат македонскиот идентитет и јазик.

„Извештајот не е за да ги задоволи актуелните влади во Скопје или Бугарија. Овој извештај е извештај на Европскиот парламент и на ЕУ за состојбата во земјата и ги истакнува позитивните развои. Исто така, истакнува некои загрижености што сè уште постојат, како и потребата од реформи. Така што, овој извештај нема намера да интервенира или да се меша во билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија. Јас сум австриски државјанин и, како Австријци, научивме да се приближуваме до нашите соседи, да ја признаеме нашата заедничка историја, да работиме на заедничка интерпретација на историјата. Но, во мојот случај, живеам на границата меѓу Австрија и Словенија, и на Австрија и на Словенија им беа потребни повеќе од 50 години да дојдат до, повеќе или помалку, заедничка интерпретација на нашата заедничка историја. Ова е долг процес кој се надевам дека ќе се случи на конструктивен начин меѓу Бугарија и Северна Македонија. Но, ова не е тоа за што станува збор во овој извештај. Овој извештај е за односите на Европската Унија и Северна Македонија и состојбата во процесот на пристапување“, порача Вајц.

И според она што го спомена тој, и според имињата на предлагачите на амандманите, видливо е дека зад евентуалниот успех на Мицкоски да ги протне овие амандмани во ЕП стојат и европарламентарци од групата на социјалдемократите, од реформистите (либерали), од Зелените (исто така опозиција во Македонија) и понекој од групата народни партии на ВМРО-ДПМНЕ, со главна поддршка од Патриотите во ЕП на Виктор Орбан. Практично, и во поддршката се препознава новата ориентација на ВМРО-ДПМНЕ зад која очигледно не стојат многу парламентарци од најголемата политичка група во ЕП, па мораше да бара помош од ЛДП и од СДСМ во нашето Собрание при гласањето на извештајот во јули. 

И додека Мицкоски порачуваше дека однесувањето, т.е. гласањето на бугарските европарламентарци ќе биде тест за идната политика на Софија кон нас, од Бугарија стигна најавата дека тамошниот национален парламент подготвува декларација за отфрлање на неодамнешните обиди за протуркување на „план Б“ за одмрзнување на преговорите на Македонија со ЕУ. Според најавата, Бугарија не гледа причина да преговара за нешто што веќе е договорено на европско ниво, а кое кај нас беше формулирано како обид да се смени вториот Протокол потпишан од двете влади, кога веќе не можат да се сменат заклучоците на Европскиот соввет и Преговарачката рамка. Практично, бугарскиот парламент усвои декларација со која јасно ќе се стави до знаење дека какви било „креативни решенија“ ќе бидат отфрлени од Софија.

Ако, сепак, поминат амандманите во ЕП, ова ќе биде којзнае кое признавање на македонскиот јазик и идентитет, особено откако го потпишавме Преспанскиот договор и  откако го потпишавме договорот со ФРОНТЕКС на македонски јазик.

Затоа, пак, од 313 амандмани на извештајот, најголемиот број се од бугарските европарламентарци и не се однесуваат воопшто на јазикот. Со нив се бара да се осуди говорот на омраза кон Бугарите во Македонија, да се регистрираат културните центри што заради неприфатливи имиња беа забранети кај нас, да се обнови работата на Историската комисија, да се применат текстовите за историски настани и личности што беа веќе договорени од неа и оверени со Протоколот, да продолжи изградбата на Коридорот 8, да има конкретни резултати од работата на експертите за историја и тие да се засноваат наводно на факти, да продолжи заедничкото славење на заедничка историја, да се интервенира на текстовите на спомениците за кои веќе е постигнат договор, а пред сѐ да се направат уставните измени и да се преточат во другите закони и области. Практично, од амандманите се гледа дека од спорот не добива ништо ни Бугарија, поточно дека и тоа што го доби го изгуби со крутата политика кон Македонија, па логиката е кој повеќе и подолго ќе издржи во спорот.

Притоа, куриозитет е дека самите бугарски европарламентарци бараат со уставните измени да влезат во Уставот „граѓаните што живеат на територијата на земјата и се дел од други народи, како бугарски народ“, практично признавајќи дека не се исти народ со македонскиот. Куриозитет е исто така дека еден од нив, Андреј Ковачев, жали за балансерот, односно за укинатите квоти за вработување на преставници на етничките заедници во администрацијата, а со многу амандмани се напаѓа надворешната политика на Македонија поради ставот кон резолуцијата на Украина – иако Бугарија е многу проруска од нашата држава.

Трет куриозитет е дека Мицкоски може да смета на поддршката на Жордан Бардела од Националниот собир на Мари Лепен кој бара да се стави крај на мултикултурноста и на етничката фрагментација кај нас, а да се јакне унитарноста на државата, но генерално бара – ЕУ да ги прекине преговорите со Македонија бидејќи не ги заслужуваме.

Очигледно додека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски војуваат со Бугарија околу уставните измени, во ЕП се случуваат други процеси, т.е. се множат тие што бараат да нема со нас преговори, бидејќи се зголемува корупцијата, бидејќи земаме заеми од нелиберални демократии, од Кина, бидејќи се разидуваме со ЕУ во надворешната политика и слично.