Кабинет на Пендаровски: Муслиу е врвен професионалец, а неговото именување е позитивно оценето од партнерските служби
Претседателот Стево Пендаровски ја донесе одлуката за именување на Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање, бидејќи анализите покажале дека тој е врвен професионалец, а неговото именување е позитивно оценето од партнерските служби, велат за МИА од кабинетот на шефот на државата по искажаните забелешки од ДУИ за неговото назначување.
– Претседателот Стево Пендаровски веднаш по стапувањето на функцијата темелно разгледа повеќе предлози како можни решенија за позицијата директор на Агенцијата за разузнавање. По споредбените анализи на професионалните капацитети на сите кандидати, името на Еролд Муслиу се издвои како решение за извршување на оваа одговорна функција. Станува збор за врвен професионалец кој својата кариера ја градел во земјава и имал беспрекорна соработка со службите од сите сојузнички држави. За именувањето на Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање беа известени и партнерските служби од земјите членки на НАТО. Именувањето на Муслиу е позитивно оценето од службите на сојузничките земји, посочуваат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.