ЈуТјуб отстранува дезинформации за резултатите од изборите во САД
САД– ЈуТјуб почна да ги отстранува сите содржини во кои се тврди дека „масовните измами или грешки“ довеле до промена на резултатите од претседателските избори одржани на 3 ноември во САД, соопшти администрацијата на платформата.
Критичарите на ЈуТјуб веќе долго време ја повикуваат компанијата да престане да прима видеа со дезинформации за американските избори, бидејќи тие ја нарушуваат довербата во изборните резултати.
– Државата доволно ги потврди своите изборни резултати за да го одреди избраниот претседател. Од таа причина, од денеска натаму ќе почнеме да ја отстрануваме целата содржина што ги мами луѓето со обвинувања за масовна измама или грешки кои го менуваат резултатот од претседателските избори во САД во 2020 година, соопшти администрацијата на ЈуТјуб.
Калифорниската компанија додаде дека политиката е во согласност со политиката што ја примени на претходните претседателски избори во Америка.
Видеата во кои се тврди дека кандидатот за претседател победил благодарение на „масовните софтверски грешки или грешките во пребројувањето на гласовите ќе бидат повлечени“, се вели во соопштението.
– Новинарските снимки или оние што изразуваат мислења за овие теми ќе ги оставиме доколку содржат одреден образовен, документарен, научен или уметнички контекст, додаде управата на ЈуТјуб.