Југоистокот ги презентира потенцијалите за инвестирање пред претставници на дипломатскиот кор


Преку организирање дипломатско-економски караван Југоисточниот плански регион денеска и утре ги презентира можностите за инвестирање и потенцијалите пред економски аташеа и амбасадори на 17 дипломатски претставништва во земјата и од други држави кои ја покриваат нашата земја.

Според директорот на Бирото за рамномерен регионален развој, Рамиз Реџепи, дипломатите најмногу се интересирале за инвестирање во одредени сектори и увоз на земјоделски производи од овој регион.

-Најмногу ги интересираа можностите за инвестирање во овој регион и можностите за туризмот, како и пласман на производите во нивните земји. Колку се произведува, каков е квалитетот за да можат производителите од нашата држава да ги пласираат своите производи во земјите од каде доаѓаат амбасадорите, изјави Реџепи.

Според Центарот за развој на Југоисточниот плански регион пред дипломатските претставници ќе се презентираат и проектите од општините кои бараат да се финансираат од европски пари.

-Покрај тоа, на караванот ќе се претстават и дваесетина извозни компании од секоја општина од регионот, кои бараат нови пазари за пласман на своето производство насекаде низ светот. Ова е вистинска можност за компаниите да го претстават своето производство, да ги претстават сопствените можности и Југоисточниот плански регион посериозно да биде ставен на картата на Европа и светот, изјави директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев.

 

Градоначалниците од регионот сметаат дека вакви настани се вистинска можност за презентација на можностите на општините за инвестирање.

-Не е важен само аспектот на инвестирање, туку и што прави општината за заштита на животната средина, во однос на економските потенцијали, развојот на инфраструктурата, носењето на проектите и секако поддршката од страна на советите на општината во однос на Европскиот зелен договор и по тоа Струмица се разликува од другите општини, истакна градоначалникот Костадин Костадинов.

Присутните на денешниот настан ги поздрави заменик-министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки, чие министерство заедно со Бирото за рамномерен регионален развој и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го организираат дипломатско-економскиот караван.

Инаку, караванот денеска беше во посета на општините Радовиш, Конче и Василево, а утре продолжува во Ново Село, Дојран, Богданци и Гевгелија.