Јубилејно 15. издание на културно-уметничката манифестација „На зајдисонце“ во Трпејца


Фото: Б. Грданоски

Со богата културно-уметничка програма вечерва во охридското село Трпејца почнува јубилејното 15. издание на културно-забавното лето „На зајдисонце“, манифестација која со текот на годините прерасна во препознатлив културен настан што ги обединува уметноста, традицијата и туристичката понуда на тоа крајезерско место.

Свеченото отворање ќе биде збогатено со повеќе содржини, меѓу кои промоција на монографијата „Петнаесет години ‘На зајдисонце во Трпејца’“, посветена на досегашните изданија на манифестацијата, како и настап на охридскиот женски квартет HarmoniX.

Во рамките на осумдневната програма организаторите најавуваат разновидни настани – театарски претстави, музички настапи, филмски проекции, спортски активности, книжевни вечери и содржини посветени на културното наследство…

Утре, пред публиката ќе гостува Драмското студио „Цвет 75“ под уметничко раководство на Драгана Велкоска, а в среда ќе настапат Влатче Броз и Диџеј Марама.

Четврток, 23 јули, е резервиран за спортски активности. Во претпладневните часови ќе се одржат кајак-регатата „Номче Митрески“ и малиот пливачки маратон, а вечерниот дел ќе го одбележат атрактивната „Трка со куфери“ по скалилата во Трпејца и забавата со Диџеј Багзи со наслов „Златните ’80 и ’90“. Настанот и целиот спортско-забавен ден е поддржан и од асоцијацијата „Спорт за сите“.

В петок ќе биде прикажан документарниот филм „300 години саат-кула – чувар на времето во Охрид“. Вечерта ќе продолжи со настап на пејачката група и оркестар „Ѓердан од бисери“.

Следниот ден ќе бидат прогласени најдобрите фотографии од конкурсот „Трпејца сликана со мобилен“, а пред публиката ќе настапи и танц-групата „Езерски ѕвездички“. Во програмата е вклучена и проекција на документарниот филм „Охрид, Охрид убав мил“.

В недела, 26 јули, ќе бидат прикажани видеозаписот за „Пчињското евангелие од крајот на XVI век“ и документарецот „Роднокрајни автори 2026“.

Претпоследната фестивалска вечер ќе биде посветена на книжевноста, со средба со писателката Вера М. Самарјанин и нејзините пријатели, а музичкиот дел ќе го збогати настапот на дуото Black Moon.

Јубилејното издание на „На зајдисонце“ ќе биде затворено со поетска вечер на актерката Марија Кондовска, која ќе изведе избор од стихови посветени на водата, езерото, Охрид и Трпејца. Во завршната вечер ќе настапи и младата флејтистка Бојана Размоска од Пештани, а фотографот Никола Павлески заедно со организаторите и публиката ќе се потсети на 15-те години постоење на манифестацијата.

Сите настани во рамките на „На зајдисонце“ се бесплатни за посетителите и ќе се одржуваат на отворено. И ова јубилејно издание е поддржано од угостителите од Трпејца и други спонзори, кои со години ги препознаваат значењето и ентузијазмот на организаторите во создавањето на оваа културна манифестација.