ЈП за државни патишта реагира: Изборот на надзорот за коридорите 8 и 10 беше транспарентен од почеток


Јавното претпријатие за државни патишта испрати реакција во  врска со написите во медиумите поврзани со изборот на надзор и правен трансакциски советник за изгрaдба на Коридор 8 и Коридор 10. Во него стои: 

-Јавното претпријатие за државни патишта објави оглас на 15.9.2022 година за избор на „Надзор и правен трансакциски советник за изгрaдба на Коридор 8 и Коридор 10, чие што отворање на понуди беше јавно и во присуство на медиуми.На тендерот беа доставени три понуди и тоа од:

-INGEROP CONSEIL ET INGENIERIE“, Франција, како лидер на група понудувачи здружен со ЕГИС ИНТЕРНАЦИОНАЛ и МАТЕКА ИНЖЕНЕРИНГ ДОО.

-Друштвото „IRD ENGINEERING SRL“, Италија, како лидер на група понудувачи, здружен со EPTISA SERVICIOS DE INGENIERIA SL-Шпанија, ЕЛЕКТРА КОНСАЛТИНГ ДОО, Скопје и ЕВРОКОНСАЛТИНГ ДОО Скопје, како членови на група понудувачи.

-HIL INTERNATIONAL N.V. од Холандија како лидер на група понудувачи здружен со Градежен институт македонија АД Скопје како член на група понудувачи.

По отворањето на понудите, следуваше постапка за нивна евалуација и по разгледувањето на документацијата и комплетноста на понудите во предвидениот рок се изврши изборот на најдобриот понуден квалитет и понудена цена и за надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор VIII и Коридор X-d беше избрана „IRD ENGINEERING“.

Изборот помина и на Управна контрола, а до Државната комисија за жалби по јавни набавки беа поднесени две жалби кои што Комисијата ги отфрли.

Постапката и изборот беа согласно сите законски и подзаконски акти за јавни набавки и транспарентни од самиот почеток.

Владата сè уште не даде објаснување  за аргументите на Министерството за финансии кое побарало изземање на компанијата „ЕПТИСА“ од таканаречената црна листа на фирми со кои институциите и општините не се смеат да соработуваат за проекти над милион евра. Не се знае што  ја натерало Владата  ја промени одлуката од 24 ноември 2020 година и да ја укине за да ѝ овозможи на „Ептиса“ да биде дел од компаниите кои ги надгледуваат работите во Коридорот 8 и 10-д, што ќе ги гради турско-американскиот конзорциум „Бехтел-Енка“. 

Порталот Призма на 2 март објави дека дел од конзорциумот „ИРД инженеринг“, кој го доби тендерот за надзор, е и фирма во кои удел има македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ. Тој е под истрага на ерменското обвинителство заради вмешаност во корупциски скандал поврзан со изградба на патишта, а од таму побегнал со помош на македонски дипломати.

Избраната фирма треба да врши надзор на изградба на четири автопатски делници во должина од 120 километри, што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

 

Според најавите на властите се очекува градежни активности да почнат во текот на оваа година.Премиерот Димитар Ковачевски, на 3 март, одговарајќи на новинарски прашања рече дека „ако некој се сомнева во однос на интегритетот, вработените, подизведувачите или на кој било од учесниците во проектот за изградба на коридорите 8 и 10-Д, тоа може да го пријави до Јавното обвинителство“.