Јована Филиповиќ со ново студио, женствено и функционално како нејзините креации (фото)
Дизајнерката Јована Филиповиќ за која се бара покана повеќе на ревиите во Скопје, за 10 годишниот јубилеј на нејзиниот препознатлив бренд ЈФ се „почести“ со ново модно ателје во центарот на Скопје. Вели, дека новиот простор од 110 метри квдратни е по нејзин мерак, како го замислувала цел живот.
Модното ателје на омилената дизајнерка на скопската елита, е женствено, функционално , елегантно со препознатливиот монохроматски израз како кај нејзините креации.
Во лежерна атмосфера, со хитовите од 80-тите, Јована денес ги примаше гостите на честитање. Букетите цвеќиња беа вишок, зашто целото ателје беше украсено со бели кали и ружи, и со рафинирани естетски детали кои го прават просторот уникатен, како и чувството на сегашните, но и идните клиенти. Закачените модели од нејзините колекции исто така ветуваа интересно модно патешествие до следниот проект мини фабрика, како што посакува домаќинката.
Филиповиќ вели, потенцијалот што ние го имаме во Македонија, а воедно и на Балканот е доволен за да се носиме рамо до рамо со светските трендови.
-Но како и во секоја друга работа, потребна е истрајност, упорност, многу љубов и добра интуиција да ги препознаеме моментите кои се клучни за нашата работа. Никогаш не треба да се откажуваме од нашите соништа, дообјаснува дизајнерката која е активна на разни бизнис полиња, но и како дизајнерка која се грижи за изгледот на поп-ѕвездата Каролина Гочева – Корубин, заедно со стилистката Јована Зука. (Л.С.)