Јована Филиповиќ со нова капсулна колекција инспирирана од движењето на водата (галерија)
Детаљи како сјајни апликации и текстури на ткаенини потсетуваат на бликањето на водата под сончеви зраци

Јована Филиповиќ, омилената дизајнерка на македонската елита, денес, во своето елегантно и минималистичко уредено модно ателје од 110 метри квдратни во центарот на Скопје, ја промовираше новата капсулна колекција, вистинско летно модно освежување во скопските горештини.

Во лежерна атмосфера, со миризливи свеќи од скапи парфеми, Јована денес ги примаше гостите на честитање. Целото ателје беше украсено сво нијанси од колекцијата, и со рафинирани естетски детали кои го прават просторот уникатен, како и чувството на сегашните, но и идните клиенти. Закачените модели од колекцијата, инспирирана од движењето на водата, летните утра и природната елеганција , ветуваа интересно модно патешествие кое ја слави слободата, леснотијата и современата женственост.

Беж и крем нијанси го доловуваат песочниот брег, додека сините и проѕирни ткаенини потсетуваат на морска длабочина и одблесоци на вода. Чипката и лесниот тантел додаваат женствена, романтична нота, додека структурираните кроеви внесуваат класична рамнотежа меѓу софистицираност и дневна носливост.

Кроевите се инспирирани од движењето на водата: асиметрични линии, брановидни форми, и флуидни силуети кои се обликуваат со ветерот и телото. Детаљи како сјајни апликации и текстури на ткаенини потсетуваат на бликањето на водата под сончеви зраци.

„Колекцијата не е само визуелно искуство — таа е чувство на мир, движење и слобода. Совршена за денови покрај брегот, прошетки низ град со медитерански дух и вечери со летен повев. Ја подготвував подолго време, содржи 40 парчиња, а материјалите се природни- лен, памук и свила. Потенцијалот што ние го имаме во Македонија, а воедно и на Балканот е доволен за да се носиме рамо до рамо со светските трендови. Но како и во секоја друга работа, потребна е истрајност, упорност, многу љубов и добра интуиција да ги препознаеме моментите кои се клучни за нашата работа. Никогаш не треба да се откажуваме од нашите соништа, дообјаснува дизајнерката која е активна на разни бизнис полиња, но и како дизајнерка која се грижи за изгледот на поп-ѕвездата Каролина Гочева – Корубин, заедно со стилистката Јована Зука.
Л. Сабит



