Јокиќ нема да игра за Србија
Најдобриот кошаркар во НБА лигата, Никола Јокиќ, нема да игра за репрезентацијата на Србија ова лето.
Центарот на Денвер ги објасни причините за отсуството од националниот тим.
„На мое огромно жалење, ова е моментот кога треба да објавам дека и покрај мојата голема желба, не сум во можност да играм за националниот тим. Едноставно, состојбата на моето тело бара подолго отсуство од теренот заради закрепнување. Тоа е ставот и сугестијата на клубот и една неизбежност што морам да ја прифатам“.
„Убеден сум дека момците имаат квалитет да направат резултат без мене, што ќе ни донесе многу радост“, изјави Јокиќ за Танјуг.
Поранешниот центар на Мега оваа сезона во дресот на тимот од Колорадо не пропушти ниту еден натпревар од првенствениот дел од сезоната, од вкупно 72 натпревари, а тој одигра уште 10 натпревари во плејофот и беше стартер на сите натпревари.
Од 1 август 2020 година, Јокиќ одигра вкупно 109 натпревари со просек од 35 минути на теренот.
Тој беше прогласен за МВП на НБА-лигата и е дел од најдобрите пет во најсилното натпреварување.
Ова е втор пат Јокиќ да пропушти големо натпреварување, тоа го стори за прв пат во 2017 година, кога не играше на Евробаскетот.