Jохансон: На маса е нова верзија на Шенген регулативата, би било добро да нема плаќање надоместок за влез ЕУ

На маса е нова верзија на Шенген регулативата за која се очекува преговорите да бидат завршени за време на актуелното шпанско претседателство со ЕУ. Би било добро да нема плаќање надоместок за земјите надвор од ЕУ, ијзави вечерва во Скопје еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.
Таа потврди дека од неодамна има се повеќе земји од Шенген зоната кои имаат заострени гранични проверки, но дека тие се применуваат многу селективно за да нема застои на граничните премини.
-Некои се од пред 10 дена и се поврзани со глобалните состојби и случувања. Она што досега го видовме кога соработуваме со земјите членки кои воведуваат внатрешни гранични проверки, гледаме дека ги користат ваквите приверки многу селективно со цел да не се создават проблеми и редици на граничните премини. Ова е праксата со новововедените гранични проверки, рече еврокомесарката Јохансон на новинарско прашање на прес-конференцијата во Скопје по завршувањето на првиот ден од Министерскиот форум посветен на внатрешни работи и правда ЕУ – Западен Балкан 2023 што се одржува под покровителство на шпанското претседателство.
Што се однесува до воведувањето на ЕТИАС – Европскиот систем за патни информации и одобрувања и дали македонските граѓани ќе треба да плаќаат пари за влезат во некоја од земјите на ЕУ, Јохансон рече дека се подготвува нова регулатива и дека би било добро да нема плаќање надомест.
-На маса има нова регулатива, нова верзија на Шенген регулативата, а тоа е земјите да можат да воведат нови мерки за заштита на внатрешните граници без вакви проверки. Шпанското претседателство ќе го приоретизира завршувањето на преговорите на оваа тема. Така што би било добро да има нова регулатива, а да нема плаќање на надоместок, рече Јохансон.
Европскиот систем за информации за патувањата и за одоберување на патувањата (ЕТИАС) се очекуваше да профункционира кон крајот на годинава, но неговата примена беше одложена. Тој се однесува за граѓаните на трети земји на кои не им е потребна виза за патување во Шенген зоната, а ги опфаќа и земјите од Западен Балкан вклучително и Северна Македонија. Тие треба да аплицираат за одобрување на патувањето користејќи ја веб-страницата на ЕТИАС или мобилната апликација пред нивното патување и ќе треба да платат надомест од седум евра.
Јохансон исто така посочи на прес конференцијата дека благодарение на имплементацијата на акцискиот план за Западен Балкан во однос на справување со мигрантскиот притисок, веќе се гледаат резултати.
„За тоа придонесоа два важни фактори. Прво подобро усогласување за визните режими согласно европските визни политики и усвојување нови договори со Фронтекс“, рече еврокомесарката.
Тука таа го потенцираше договорот со Фронтекс што точно пред една година беше потпишан со Северна Македонија, кој беше прв документ потпишан на македонски јазик. Ваков договор потоа, нагласи Јохансон, потпишале и Црна Гора и Албанија, а на 25 октомври разговарала за ревидирање на договорот и со српската премиерка Ана Брнабиќ. Наскоро најави и преговори за договор и со Босна и Херцеговина.
„Овие договори ќе овозможат дополнително ангажирање на Фронтекс во регионот што ќе овозможи поддршка за борбата против нелегалната миграција и прекуграничниот криминал заедно со граничните полиции со земјите од Западен Балкан“.
Таа исто така испрати пораки за поддршка на евроинтеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.
„На глобално ниво се наоѓаме во време полно со предизвици, ситуацијата на Средниот Исток е во преден план заедно со нелегалната инвазија на Русија врз Украина. Тоа се само два од предизвиците што се на врвот на агендите за самитот во Брисел, а партнерите од Западен Балкан се дел од нашето европско семејство. ЕУ и понатаму ќе продолжи да го поддржува Западен Балкан на патот кон пристапување во ЕУ, ќе продолжи да помага во областа на владеење на правото, борбата против корупцијата и против организираниот криминал“, изјави Јохансон.
Шпанскиот министер за внатрешни работи порача дека меѓу главните приоритети е и борбата против тероризмот потенцирајќи дека најефективен одговор е оној што се заснова на соработка.
„Форумот денеска генерираше продуктивна дебата за прашања на теми за кои е потребна заедничка координација и одговор и уште повеќе во ова време на очигледна нестабилност во светот што беше испровоцирана со руската инвазија врз Украина и тековната ситуација на Средниот Исток. Поставена е јасна цел – борба против тероризмот што е наш главен приоритет во моментот. Следните чекори се оперативна соработка што е важен механизам, а тој е заедничкиот акциски план против тероризмот на Западен Балкан“, рече Марласка Гомез.
Спасовски, пак, сподели дел од резултати од досегашната соработка и борба против криминалот и порача дека Северна Македонија е подготвена да биде рамноправен партнер.
„Најголемата вредност од овие наши дискусии е градење на доверба и меѓусебно почитување како и понатамошно заедничко почитување и навремена размена на информации бидејќи нашата сила е во заедништвото, а Република Северна Македонија е подготвена активно да учествува во реализација на сите приоритети и да биде рамноправен партнер“, рече Спасовски.
Фото: Б. Грданоски