Јавен повик од Општина Карпош за субвенционирање на поправака на покриви на згради и куќи


Фото: Б. Грданоски

Општина Карпош денеска објави Јавен повик кој ги содржи правилникот за условите, критериумите, видот и начинот на финансиска поддршка за поправка и санација на кровни покривачи на колективните станбени објекти (згради), како и замена на азбестни покриви на индивидуалните станбени објекти (куќи), на територија на локалната самоуправа, известуваат од општината.

За таа цел, локалната самоуправа од својот Буџет за 2023 година обезбеди вкупно три милиони денари.

– Корисници на субвенциите можат да бидат Заедниците на сопственици или Управители на станбени згради, како и сопственици на индивидуални станбени објекти (куќи). Финансиската поддршка ќе се доделува по принципот прв дојден – прв услужен, а истата ќе трае до исцрпување на предвидените средства за таа намена, истакнуваат од локалната самоуправа.

Висината на субвенционирање се разликува во зависност од тоа дали станува збор за колективен или пак за индивидуален објект.

-За зградите ќе бидат субвенционирани најмногу до 50 отсто но не повеќе од 350.000 денари, од вкупниот износ на вредноста на поправката и санација на кровниот покривач за секоја одобрена апликација, врз основа на доставената најприфатлива понуда за материјали и работни позиции. За куќите, локалната самоуправа ќе субвенционира најмногу до 60 отсто но не повеќе од 120.000 денари, од вкупниот износ на вредноста за замена на азбестниот покрив, известуваат од општина Карпош.

Јавниот повик содржи и посебни услови, кои треба да бидат целосно исполнети од страна на потенцијалните корисници за субвенционирање.

За колективните станбени објекти (зградите) ќе важи условот да бидат постари од 25 години, а доказот за старост на објектот се потврдува со Изјава заверена на нотар или со достава на купопродажен договор за стан.

Процесот на евалуација на пристигнатите апликации ќе го утврдува 11 члена Комисија, која ќе врши увид во соодветноста на пристигнатата документација.

-Листата на потенцијалните корисници ќе биде објавена на веб страницата на Општина Карпош и на огласната табла на Општината, а дополнително ќе биде доставено и известување до секој апликант посебно, со соодветни податоци за постапката и насоки за евентуална понатамошна постапка. Сите апликанти имаат право по објавата на потенцијалните корисници на субвенцијата, да вршат увид во доставената документација и повлекување на истата, информираат од Општината.