Јапонија прва успешно ги мина квалификациите за СП2026

Јапонската фудбалска репрезентација прва официјално обезбеди пласман на Светското првенство во 2026 година преку квалификациите, приклучувајќи им се на кодомаќините САД, Мексико и Канада кои директно се квалификуваа.
Јапонија попладнево го совлада Бахреин со 2-0 (0-0) во 7. коло од групата Ц од главната фаза на натпреварувањето во азиската квалификациска зона како домаќин во Саитама, со што стана недостижна за третопласираната селекција во групата во преостанати три кола. Двете најдобри селекции од секоја група ќе се пласираат на Светското првенство.
Головите со кои Јапонија го завери пласманот на Мундијалот ги постигнаа Даичи Камада во 66. минута и Такефуса Кубо во 87. минута.
Јапонија сега има 19 бодови, девет повеќе од второпласираната Австралија, која претходно во четвртокот ја совлада Индонезија со 5-1 во Сиднеј, и 13 повеќе од Саудиска Арабија, Бахреин, Индонезија и Кина.
За Јапонија ова ќе биде осми последователен настап на светските првенства по дебито во 1998 година во Франција.