Јаневска за врсничкото насилство: Институциите може да прават сѐ како што треба, но без помош од родителите нема успех
Министерката за образование и наука Весна Јаневска е запознаена со случајот на врсничко насилство во училиштето во Ѓорче Петров. Како што изјави денеска, школото веќе постапило, пријавило во полиција и во социјалните служби, а и самото преземало мерки. Таа апелира до родителите, повеќе да внимаваат и повеќе време да минуваат со своите деца.
– Жал ми е што се соочуваме со вакви случаи. Министерството добива информации за ваквите настани и презема мерки. Во соработка со компании, со Бирото за развој на образованието, постојано подготвуваме упатства, прирачници како да се постапи во вакви случаи. Постапено е како што треба и во овој случај, училиштето пријавило во полиција и во социјалните служби и самото тоа презема мерки. Сите ние одговорни институции може да правиме сѐ како што треба, но ако немаме помош од родителите, не можеме да имаме успех. Ќе имаме одреден процент успех, но клучна улога имаат и родителите. Сега имаме иницијатива за проект за семејно насилство зашто најчесто овие агресии се резултат на она што се случува дома, истакна министерката, одговорајќи на новинарски прашања.
Во врска со новиот закон за високо образование, Јаневска рече дека академската заедница е веќе раздвижена. Првите ефекти може да се очекуваат за три до четири години, а најголем пик ќе има по осум години кога, оцени, ќе се најдеме меѓу првите 1.000 универзитети на Шангајската листа.
-Веќе избраните редовни доживотни професори не се опфатени со критериумите, но прв пат имаат други задолженија. Ако сакаат да имаат каква било кариера, особено помладите, ќе треба да постигнат критериуми за ментори, да пријавуваат проекти, домашни и меѓународни, да аплицираат за најголемите проекти на ЕУ. Не е баш така како што има обид во јавноста да се презентира – дека се поштедени од сѐ. Огромен број млади го поздравуваат законот за високо образование, а достигнувањето на неговата полна сила ќе потрае, ефекти ќе почувствуваме по три до четири години, а најголем пик ќе има по осум години. Најважно беше да се почне реформата која долги години воопшто не беше тема на разговор. Сигурна сум дека за осум години ќе се најдеме меѓу првите 1.000 универзитети на Шангајската листа. Гледам дека академската заедница е раздвижена, што значи дека тоа може да се случи и порано, а ние ќе сториме сѐ за тоа да се случи, подвлече Јаневска.
Во однос на утврдените нерегуларности при упис на студенти на магистерски и докторски студии на Филозофскиот факултет и на еден приватен универзитет, министерката информира дека контролите се зајакнати.
-Има вонредни надзори по пријави од Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за квалитет почна да постапува регуларно, како што и досега требала да работи за акредитација на нови студиски програми или повторна акредитација на постојните. На терен проверува не само документи, туку и инфраструктура, сѐ што опфаќаат евалуациите. За филозофскиот факултет процедурата е завршена, извештајот од Државниот просветен инспекторат стигна до нас, денес се надевам дека е завршено и решението кое министерот треба да го донесе. Тоа ќе биде направено и случајот ќе биде пријавен во ЈО. Другиот случај кој е исклучително значаен, е на приватен универзитет, тој случај е исто така завршен, денес и тоа решение ќе го потпишеме и случајот ќе биде пријавен во ЈО, изјави министерката Јаневска. МИА