Јаневска: Упатство за постапување при дојава за бомба во училиште има, но се надоградува
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/vesna-janevska-bb1.jpg)
Кризен штаб за подобрување на кибер-безбедноста е формиран, од кој треба да произлезе подобрено упатство за постапување на училиштата кога евентуално ќе добијат закана за поставена бомба во објектот.
– Упатството кое го подготви Министерството за дигитализација е доставено до нас, ние додаваме правила или препораки кои треба да се користат и упатството сметам дека утре или задутре ќе биде доставено до училиштата – рече министерската за образование Весна Јаневска на денешната прес-конференција.
При претходните повеќемесечни речиси секојдневни закани со поставени бомби во голем број училишта во повеќе градови во државата, беше изработен протокол и упатство за постапување. На новинарско прашање што му фалеше на тоа Упатство, Јаневска вели дека само требало да се надгради.
– Не можам да кажам дека тоа беше лошо упатство и таму имаше добри нешта, меѓутоа веќе е помината речиси една година. работите во светот на електронските доставувања брзо се менуваат, па оттука потребни се дополнителни заштитни мерки кои училиштата треба да ги спроведат – рече Јаневска.
Таа повторно повика вработените во училиштата да ги користат службените мејлови кои се со двојна заштита, па поради тоа се и побезбедни.
– Кога имаме сајбер напад на државата тоа вообичаено се случува со оние мејлови кои не се доволно заштитени. Ние велиме дека постои заштита на мејловите од МОН, односно на мејловите од државата и тогаш кога ги користиме нив ние сме најбезбедни. Доколку се случи на некој друг мејл да добие училиштето закана процедурата од МВР е позната и ќе биде постапено и секогаш ќе се постапува така. Но, како што реков има и дополнителни нешта коишто можат да се спроведат, поставување камери – некои училишта ги имаат, некои училишта ги немаат – тоа е одговорност на општината, ангажаирања на обезбедувања на училиштата, исто е одговорност на општината, ние само ги даваме препораките за учениците да бидат безбедни – рече Јаневска.
Најави дека ќе направат мониторинг во однос на извршување на препораките.
Минатата неделе до многу училишта во земјава стигнаа 240 закани за поставени бомби, дел од нив беа евакуирани, а повеќето ја продолжија наставата, а заканите се покажаа како лажни.(Б.Б.)