Јаневска ја прашува јавноста за сугестии за концепција, ама да не се крева многу прашина
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2024/09/GR_6279_copy_939x683.jpg)
Новата предложена концепија за средно образование не завршена, се очекува придонес од предлозите, а министерката Весна Јаневска, не го разбира револтот, затоа што за донесување на концепцијата, вели, имале уште една година.
– Не го разбирам револтот, очекував предлози, очекував наставни планови и наставни програми. Никаде не брзаме, ништо не е дефинитивно одлучено, имаме една година време за да ја донесеме концепцијата, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска по реакциите за предложената концепција за реформи на гимназиското образование.
Повтори дека тоа е драфт-верзија, ставена на електронска јавна расправа, по која добиле многу забелешки.
– Првично, од тоа што е побарано, гледаме дека ако ги исполниме сите барања, децата ќе имаат предмети за да останат на училиште по 10-11 часа. Оттука, јас ги повикувам сите кои сакаат да се вклучат во креирање на нова концепција да се вклучат. Никаде не брзаме. Имаме една година време за да ја донесеме концепцијата, истакна Јаневска на прес-конференција во МОН.
Таа ги повика партиите да се вклучат во креирање на концепцијата, но дека и без нивно учество таа ќе биде донесена затоа што, како што нагласи, мора да има промени за квалитетно образование.
-СДСМ и сите други партии уште еднаш ги повикувам да се вклучат во креирање на концепцијата, наставните планови, затоа што наставните програми секако ќе бидат модернизирани и, сакале тие да се вклучат или не сакале да се вклучат, подобро образование во Македонија ќе има, затоа што нашите деца тоа го заслужуваат. Прашањето на концепцијата овде го затворам, продолжува јавната расправа. Ние, како МОН, ќе се придвижиме, ќе ги посетиме, ќе ги слушнеме, ќе поразговараме со нив, но не е нешто што е дефинитивно одлучено. Јас тоа постојано го повторувам. Веројатно подучени од претходните власти, каде со декрети им се носеа одлуки, луѓето се веројатно исплашени. Но затоа тие сега веќе не се на власт. Сега има нова Влада која сака во дијалог и транспарентно да го сработи тоа што треба да се сработи, рече министерката.
Оттука, додаде таа, „со оглед дека ова Министерство има премногу и премногу обврски и запоставени нешта кои треба да се затворат, сметам дека јавноста треба да го затвори прашањето на концепцијата“.
-Ние и понатаму ќе дискутираме за концепцијата и конечно ќе ја донесеме. Подобро образование во оваа земја мора да има, без оглед кој ќе се вклучи и нема да се вклучи. Не го разбирам револтот, очекував предлози, очекував наставни планови и наставни програми. Но, разбирам, минатото нѐ следи сите нас. Продолжуваме цела година да дискутираме за концепцијата, истакна Јаневска.