Јаневска: Ја поттикнуваме научната извонредност преку бесплатен пристап до водечката научна база Web of science

Истражувачката активност е основен столб на развојот на науката и напредокот наопштеството. Истражувачите имаат клучна улога во создавањето нови знаења преку систематски и квалитетни истражувања, кои мора да бидат достапни и проверливи преку објавување во рецензирани научни списанија. Тоа ја зголемува видливоста на истражувачите и ја афирмира научната репутација на институциите, што е од пресудно значење за унапредување на академската позиција на нашите универзитети на меѓународните ранг-листи и за развој на меѓународна соработка.
Ова го нагласи министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата на соработката со Clarivate – Web of science, со што се овозможува бесплатно користење на научните бази на платформата, за сите државни универзитети, МАНУ и Универзитетот на Југоисточна Европа. Тоа е голема придобивка за нашата академска заедница, бидејќи овозможува пристап до најреномирани научни трудови, следење на актуелни истражувања и научни трендови, објавување во списанија со висок импакт фактор, како и поврзување со глобалната научна заедница.
„Ова ќе резултира со зголемена видливост на нашите истражувачи, поголема можност за цитираност и директно влијание врз рангирањето на нашите универзитети на Шангајската листа. Меѓу критериумите што се земаат предвид при рангирањето се бројот и квалитетот на објавените трудови, цитираноста и меѓународната соработка.
Анализите покажуваат дека за да се постигне рангирање на околу 1000 место на Шангајската листа, потребно е годишно да се објавуваат над 1200 трудови во Web of science. Нашите универзитети објавуваат многу помал број на трудови годишно“, рече министерката.
Министерството за образование и наука континуирано ги поддржува професорите, истражувачите и студентите, да создаваат трудови со висок квалитет и да ги објавуваат во престижни меѓународни списанија, преку покривање на трошоците за објавување, финансиски награди за објавени трудови со импакт фактор, финансирање на научно-
истражувачки проекти како и поддршка за учество на меѓународни конференции и
промовирање на соработка преку заеднички трудови со странски универзитети.
„Систематската поддршка и мотивирање на истражувачите за создавање, истражување и објавување е клучна за одржување и унапредување на академската извонредност. Ако сите — институции, поединци и заедница — се посветиме на научната извонредност, не само што ќе ја подобриме нашата позиција на меѓународните ранг листи, туку и ќе изградиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој“, укажа Јаневска, додавајќи дека со фокус на квалитетот, а не само на квантитетот, како и со максимално користење на алатки како Web of science, можеме да изградиме систем што ќе нè води кон повисока позиција на светската академска мапа.
Платформата е достапна за македонските научници, истражувачи и студенти од државните универзитети од месец јули годинава, кога и Министерството за образование и наука и компанијата Clarivate која ја поседува Web of science, склучија договор за меѓусебна соработка.