Јаневска ги повика првачињата освен знаење, да побараат да стекнат братче или сестриче


Демографијата покажува ерозија на населението во Македонија, сѐ повеќе умрени, од новородени, а таквата прогресија на негативните бројки се покажува во празните клупи во училиштата. 

Во 2025 година новородени се 15.850 деца, што е за 1,3 отсто помалку од годината претходно, а пак од 2020 година, кога се родени денешните првачиња, бројката е помала за 3.181 дете.

Сликовниците кои им се делат на учениците од прво до трето одделение, во кои се повикува на семејства со поголем број деца, тешко дека се доволен фактор, за да се смени демографската слика во земјава. Затоа пак, денеска, на први септември, кога почнува учебната година, со поразителен факт, дека има 433 паралелки помалку во основно и во средно, како и 148 затоврени подрачни и регионални училишта, министерката за образование и наука Весна Јаневска, повика учениците да си побараатѕ братче или сестриче.

– Еве, ја користам приликата да ја информирам јавноста дека ако продолжиме вака постојано ќе затвораме училишта. Ние пред три години направивме сликовница за прво, второ и трето одделение што се вика „Јас, мама, тато, дада и бато“. Оттука порака за првачињата: освен тоа што ќе побараат да стекнат знаење, можеби треба да побараат да стекнат и братче и сестриче, за да можеме повторно овие привремено затворени училишта, во иднина да ги отвораме – рече Јаневска од ООУ „Ацо Шопов“ во Општина Бутел.

Таа е свесна дека „не е демографијата проблем што ќе го решиме со една сликовница или можеби само со наставни предмети и програми. Таа е посеопфатен проблем, но еден од тоа е населението да стане свесно колку човечкиот капитал е значаен за нив самите првенствено, за нивниот живот и секако за нивната држава, нивната татковина. Затоа што сите добро знаеме што значи да се живее во една прогресивна и добро развиена земја“, порача Јаневска.

Демографскиот пад е главната причина за намалувањето на бројот на ученици и затворањето на дел од училиштата во земјава, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на почетокот на новата учебна година.

Според податоците што ги изнесе Мицкоски, во 2025 година во Македонија се родиле околу 15.650 деца, додека во годините пред пандемијата бројката се движела меѓу 22.000 и 23.000 новородени годишно.

„Станува збор за 7.000 до 8.000 деца помалку во рок од седум-осум години“, рече Мицкоски.

Тој направи споредба според која таквото намалување, доколку се пресметаат по 20 ученици во паралелка, би значело околу 350 паралелки помалку, односно капацитет што одговара на приближно 70 училишта со по пет паралелки.

Премиерот оцени дека демографијата учествува со околу 90 проценти во проблемот со намалувањето на бројот на ученици, а како дополнителен фактор го посочи и иселувањето.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска претходно информираше дека годинава 24 училишта се привремено затворени. Дел од нив останале без ученици, додека во други имало мал број деца кои се префрлени во најблиските училишта, со цел да следат настава во поголеми паралелки и да имаат подобри услови за социјализација.

Мицкоски изјави и дека Владата ќе се обиде најпрво да го стабилизира падот на бројот на населението, а потоа да создаде услови за негово зголемување, оценувајќи дека со слични демографски предизвици се соочуваат и други европски земји.

Оваа учебна година е посиромашна за 433 паралелки, од кои 222 во основно и 211 во средно образование откако Министерството за образование реши да ги спои малите паралелки во една поголема. Вкупната бројка на празни училишни објекти во Македонија, претежно во руралните средини е 148. Негативниот тренд, поттикнува и реорганизација на училишната мрежа и работата на училиштата.