Јаневска: Дојавите се лажни, а заканите се добиени на приватните мејлови


По дојавите за поставени експлозивни направи во основните и средни училишта низ државата, утрово во координација со повеќе институции формиравме меѓуресорска група за поефикасно справување со ситуацијата и секако преземање мерки за одржување на безбедноста во училишните објекти на соодветно ниво.

– Сите дојави се лажни, направени се проверки во сите објекти, а потоа учениците се вратени на настава – рече министерката Весна Јаневска, на прес-конференција.

Според Јаневска, повеќето информации зборуваат дека дојавите за бомби се добиени на приватните мејлови на вработените во училиштата, а не на оние креирани од МОН и се сметаат за службени.

Училиштата и понатаму, во случај на дојава за експлозивни направи, треба веднаш да пријават во МВР и да ги следат упатствата и протоколите кои ќе ги добијат од стручните лица од министерството.

Наставниците и другите вработени во училиштата, за комуникација да ги користат исклучиво службени електронски адреси кои се креирани од МОН, затоа што нивната безбедност е подигната со двојна автентификација при најавување согласно евроските безбедносни стандарди.

Општините под чија надлежност се уличиштата имаат исто така свои обврски, иако во најголем дел од училиштата има, препорака е секаде, согласно можностите, да биде овозможено физичко обезбедување и да се постави видео-надзор. Самите училишта, овој период, треба да бидат претпазливи околу тоа, кој и како влегува во објектите.