Јакимовски: Сотир, со попустите што ги нудиш во „Систина“ правиш предизборен поткуп


Фото: Б. Грданоски

Во утринското видео обраќање, градоначалникот на Карпош и кандидат за нов мандат, Стевчо Јакимовски се обрати до неговиот против кандидат Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ.

Јакимовски се осврна на ветувањата на Лукровски за бесплатни прегледи во приватната болница „Систина“.

„Втор ден по ред ja рекламираш приватната болница „Систина“. Толку ли сте во паника? Тоа, прво не е коректно кон јавното здравство, второ, кон останатите приватни клиники и трето, со попустите што ги нудиш во моментов правиш предизборен поткуп, а за тоа веднаш треба да се позанимава Обвинителството“ рече Јакимовски.

Јакимовски и Лукровски во недела ќе се борат за функцијата градоначалник на Карпош. Јакимовски зад себе има четири мандати, а Лукровски до неодамна беше политичка непознаница во Скопје.

Лукровски ветува секој месец бесплатно по 10 жени од Карпош преглед за остеопороза во „Систина“

Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, најави дека по неговото доаѓање на чело на општината, месечно по десет жени постари од 50 години ќе добиваат бесплатен преглед за остеопороза во приватната болница „Аџибадем Систина“.

Лукровски ја претстави иницијативата на средба со менаџментот и лекарскиот тим на болницата, каде што разговараа за нови модели на соработка меѓу здравствените установи и локалната самоуправа.

– Како човек кој веќе речиси три децении е дел од здравствениот систем, верувам дека локалната власт може да помогне во подобрување на превентивата и пристапот до здравствени услуги. Горд сум што имаме ваков здравствен капацитет како „Аџибадем Систина“, со кој можеме да соработуваме на општествено одговорни проекти – изјави Лукровски.

Според него, договорот предвидува 120 бесплатни прегледи годишно, односно 480 во текот на целиот градоначалнички мандат.

Лукровски на ова гледа како на „наш придонес во борбата против остеопорозата и во подигнувањето на свеста за здравјето на жените“.