Јакимовски со поддршка на Арсовска: Градат на диво, милиони испаруваат, Владата спие!


Фото: Б. Грданоски
Градоначалникот на Општина карпош Стевче Јакимовски даде јавна поддршка на она што го прави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
 
– Ние може нејзе да не ја сакаме, може да бидеме незадоволни од одредени нејзини постапки, меѓутоа овие активности кои таа во моментов ги презема не можеме ние као одговорни лица да не ги поддржиме – истакна денеска пред новинарите, Јакимовски.
 
– Практично таа документирано и покажа на целата македонска јавност, пред сите надлежни институции,  она што веќе го знаат милион и осумстотини и шеесет илјади граѓани, каде во оваа држава се гради на „диво“, каде се узурпира градежно државно земјиште, каде се легализира колективно, деловно и индивидуално земјиште сé по едно евро и каде се злоупотребува законот за легализација на бесправно изградени објекти – посочи Јакимовски.
 
Тој, пред претставниците на медиумите ја изрази својата длабока загриженост од односот на премиерот Мицковски, како и од министрите Тошковски и Николовски.
 
– Замислете, претседателот на Владата употребува еден многу интересен термин. Имено, тој вели: градоначалничката Арсовска нека постапува по дивоградбите. Меѓутоа, градоначалничката на Скопје нема никакви ингеренции да постапува по однос на дивоградбите. Веројатно премиерот добро знае дека таму треба да постапуваат истражните органи. А всушност самиот премиер кој во оваа држава се закануваше дека ќе не влече за уши, дека дури и брат да му е доколку е некој виновен – ќе одговара кривично. Овде имаат среќа луѓето што не му се браќа и очигледно дека тој никого не влече за уши, туку целиот македонски народ го влече за нос. Зошто? Затоа што овде исклучително тој и неговите институции имаат надлежност. Замислете, на локациите кои ги посочува тој е узурпирано градежно земјиште за коешто не е платено ниту денар а истото е во државна сопственост и тоа земјиште на само една локација чини 2 милиони евра. Не се платени ниту комуналиите кои чинат 1 милион евра. Не постои никаков урбанистички план ниту пак било каква градежна маркичка а замислете, министерот за „заеми“ господинот Николовски којшто е надлежен за оваа работа вели дека во општина Карпош нема да дозволува да се одобруваат урбанистички планови од причина што тука имало хаос, а замислете во Чаир имало ред и поредок?! – констатираше Јакимовски.
 
Го обвини и  министерот за внатрешни работи, Тошковски кој му поднесе кривична пријава на градоначалникот на на Крива Паланка за урбана опрема, а  овде каде што има стотици дивоградби и каде што државата се оштетува за милијарди евра, воопшто не се постапува и очигледно дека за нив законите се применуваат според нивни терк.
 
– Само во Карпош, во Крива Паланка, во Струмица и во општина Центар важат поинакви правила. Она што премиерот Мицковски го најавуваше за пресметка со ДУИ, очигледно дека тој се пресметува само со некои крила од таа партија, односно со тие што не се со него во власт и коалиција – додава Јакимовски.
 
Градоначалникот на Карпош ја посочи непренципиелната политика на Власта, која не постапува според начелата на демократијата и има селективен пристап кон правдата.
 
– Јас го кревам гласот затоа што нивната „правна држава“ сме ја осетиле на своја кожа, затоа што правото го прават не-право и бидејќи со своите постапки ги поттикнуваат криминалот и корупцијата – вели Јакимовски.