Стевче до Борко : Вие сте изгубени. Петката на премиерот ви стана единица


Борко Ристовски (Фото: Б. Грданоски)

„Еве што кажува министерот за спорт за светската брука на овој Младински Олимписки фестивал.

Цитирам: „Ние само помагаме, не сме организатори, туку организатори се МОК и Град Скопје. Се што беше побарано од нас како Влада и министерство, во однос на логистика и финансиска поддршка го исполнивме во целост“.

И замислете, кажува дека ставиле на располагање дел од студентските капаците за сместување во Скопје и им дале милион евра, но не кажува дека Олимпскиот комитет за сместување на спортистите во студентските домови си платил. Значи, не било бесплатно.

Е сега, изгубен министре да ти каже нешто чичко Стевче. Скопје и Република Македонија беа организатори на шаховската олимпијада 1972 година. Тогашните македонски власти за таа цел го изградија хотел Континентал, Саемот, Олимписко село и хотелот во Олимписко село.

За твоја информација, претседател на Влада, тогаш беше еден мнооогу сериозен човек, д-р Ксенте Богоев. За разлика од вас залутаните, Ксенте беше и гувернер на Народна Банка на Југославија и претседател на МАНУ. На Олимпијадата дојдоа најголемите светски шахисти Боби Фишер, Борис Спаски, Анатолиј Карпов, Михаил Таљ, Јан Тиман, Полугаевски, Велимировиќ, Матановиќ, Глигориќ… Значи светскиот шаховски врв. Ова само кажува колку сериозни луѓе пред педесет и кусур години ни ја воделе државата. Ни го обелиле образот.

И сега пак да ти каже чичко Стевче:

Општина Карпош беше организатор на „Карпош Опен“ и како добри организатори ни го доделија Европскиот шаховски шампионат. По успешната организација на ова натпреварување, каде дојдоа најдобрите европски шахисти, од страна на претседателот на Европската шаховска федерација ни беше понудено Македонија и Скопје повторно да се кандидира за Светската шаховска олимпијада 2022 година. За ова го запознав и тогашниот премиер Никола Груевски. Значи, педесет години потоа, ни понудија Скопје повторно да биде организатор на така голем светски настан.

За жал, Вие сте изгубени. Зарем вие очекувавте дека Македонскиот олимписки комитет има толкав капацитет сето ова да го организира сам?

Понатаму, се фалиш дека сте дале милион евра… Значи важно, ти си дал пари, ама исто така и ти кажуваш кој ќе ги дава услугите и каде ќе се трошат парите?

Те прашувам јавно, дали овие пари ги префрли на Македонскиот олимписки комитет или на некој друг? Значи вие, како вицот, „Им давам на кокошките секое сабајле по пет банки, па секоја си купува за јадење тоа што сака“. Ги фрливте парите на ваши пријатели, доживеавте фијаско и сега нормално вие не сте криви.

Сериозни луѓе вака прават: Покрај меѓународниот олимписки комитет, се прави организационен одбор на чие чело застанува или претседателот на државата, или претседателот на Владата.

Во тој одбор, покрај министри членови од владата, мора да биде градоначалникот на Скопје,

градоначалниците од градот Скопје и Куманово, директори на Јавни претпријатија. И државата и градот да се спремат за оваа работа најмалку година дена однапред. Да имавте тронка мозок, сите спортски сали каде што се одржуваа натпреварите ќе ги климатизиравте. Ќе ги климатизиравте и студентските домови. Бидејќи ти не си учествувал на олимпијада, ти не знаеш, државата домаќин вложува огромни средства, во олимписки села, спортски објекти, сместувачки капацитети..

Прашај ги Хрватите што се направија за Медитеранските игри во Сплит и колку пари потрошија.

Прашај ги Сараевчани колку пари потрошија за Зимските Олимписките Игри. Го изградија ли за тие потреби и „Холидеј Ин“? Беше ли на чело на одборот Бранко Микулиќ, кому една од референците за потоа да стане претседател на Владата на Југославија му беше и успешната организација на олимпијадата во Сараево?

Да зборувам ли за универзијадата во Загреб?За Универзијадата во Белград? Отиди на Нов Белград и пред трговскиот центар Делта, погледни го комплексот нови бели згради. Сите тие беа сместувачки капацитети изградени за универзијадата.

Но, што да се прави, Македонија одамна нема сериозни луѓе, како Благој Попов, Драгољуб Ставрев, д-р Ксенте Богоев, и како Киро Глигоров. Тогаш со државата владееја личности со академски звања, со животни резултати, а денес на чело ни се наоѓаат луѓе со просек од средно со 2.00 и тоа со поправани оценки на совет, со купени дипломи… Ни егзистираат пратеници, министри, директори на јавни претпријатија, државни секретари, државни советници и затоа фијаското на секој чекор ќе биде нашето секојдневие.

Македонија на неколку пати положи сериозен испит и покажа дека е држава: Погребот на Борис Трајковски, величенствено организиран. Супер купот во фудбал каде на градски стадион се сретнаа Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид. Величенствена организација. Честитки за тогашниот претседател Илчо Георгиевски. Трет пат покажавме дека сме држава во Диво Насеље со енергичната акција.

Таман кога ќе речеме, го пројдовме рубиконот, ќе не биде, ќе ни дојдат залутани луѓе на власт, качени на крилата на четирите свети букви на ВМРО, секој ден ќе шират лаги и ароганција, за ништо нема да бидат одговорни, а телевизорите и социјалните мрежи ќе бидат полни со нивните самофалби. И сосема за на крај, министре Ристовски, спомнуваш дека покрај МОК, организатор бил и Град Скопје. Не знаеш што се случува со вашиот Град Скопје? Со Вашите јавни претпријатија? Или се правиш наудрен. Знаејќи дека еден од организаторите е Град Скопје, исполнет со вашите опструкции, тоа значи дека однапред сте знаеле дека ќе доживееме дебакл. Кога веќе знаете како функционира вашиот Град Скопје, зошто не ги впрегнавте градоначалниците? Зошто ја косите џунглата на Кале една недела подоцна, откако пукна срамот? Зошто не се среди барем трасата по која одеа учесниците и претседателот на државата при отворањето на оваа олимпијада? На што ви личеа улиците тротоарите, зеленилото, и целиот приод кон салата Јане Сандански? Бруката не е на Меѓународен Олимписки комитет. Бруката е на сите нас. Ние треба да му заблагодариме на Македонскиот олимпски комитет што успеал да донесе вака значајно спортско натпреварување , ама веројатно кутрите тие не знаеле дека зад нив не стои сериозна влада, туку сеирџии кои кога ќе се случи нешто лошо се вадат како минус пред заграда и убеден сум за ова ќе бараат одговорност не кај себе, туку кај МОК и целава оваа операција е направена во насока да оди на промена на раководството на МОК и инсталирање на нивни „спортски кадри“.

 

Господине Ристовски ќе кажете ли нешто дека во организацијата беа вклучени и спортските федерации? Одговорете колку претседатели и раководства насилно променивте само оваа година? Еве што направија вашите големи спортски работници. И ова е резултатот од вашата желба со се да владеете, дури и со спортот.