Јакимовски: Да се поништи Договорот со Бугарија, да се постават црвени линии
Претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, вели дека во оваа ситуација, Договорот со Бугарија треба да се раскине и да се постигне нов договор.
Тој смета дека за некои работи не треба воопшто да се преговара. Како што кажа во „Само интервју“ не треба да брзаме со отворање на преговорите за членство во Европската Унија.
Вели дека и онака не сме подготвени да ги исполниме критериумите на пример во екологија.
– Нема еден град во Европа што фекалиите ги испишта директно во реките. Нам ни требаат пречистителни станици во секој град, седум регионални депонии. Знаете ли колку пари се тоа? А ние за тоа не разговараме – вели Јакимовски.
Тој се чуди каква е таа изјава на Заев дека Тито не разделувал со Бугарите. Се чуди и на храброста на Бугарија што не сака да се извини за жртвите во Ваташа и ред други такви злосторства, а бара ние да им признаеме дека не биле агресори.
– Македонија мора да покаже дека не може да ја витка веќе кичмата. Мора да знаеме дека има прашања за кои не се разговара. Бугарија донела декларација дека светол период е 1941-45, тие не се срамат од тоа дека бил дел од фашизмот во тој период. За нив црн е периодот од 1945 до 1992. Бугароја наместо да се извини за тој период, ни ја менува и нас историјата. Се сеќавате кога Вили Брант клекна на колена, рече Јакимовски, на гостувањето на Канал 5 телевизија.
– Кога еден човек презема се на себе, вака крупни работи, тоа не завршува добро – вели Јакимовски. Затоа е добро за ова прашање да се има консензус со опозицијата и да се вклучат и поранешните претседатели.