Ја препознал својата ампутирана нога на пакување цигари


Шеесетгодишен Албанец кој живее во источна Франција вели дека се вчудовидел кога ја видел фотографијата на својата ампутирана нога на пакување цигари, употребена без негова дозвола.

Сликата е ставена на пакување цигари во ЕУ со порака „пушењето ви ги затнува артериите“. Но, Албанецот кој живее во Мец, вели дека ја изгубил ногата како последица на напад во Албанија во 1997 година, пренесе Би-би-си.

Неговиот син ја открил фотографијата на која биле препознатливи изгореници и лузни кога купил пакување цигари во Луксембург лани, пренесоа француските медиуми.

Пакувањето го донесол дома, па татко му потврдил дека тоа е фотографија од неговата нога. Рекол дека никогаш не прифатил да се користи неговата фотографија и дека верува оти е направена кога отишол во локалната болница да види дали може да му се намести вештачка нога.

Нивниот адвокат пратил писмо до болницата за да дознае како дошло до тоа токму таа фотографија да се употреби како предупрњедување за штетноста на цигарите, а се обратил и до Европската комисија бидејќи таа е одговорна за распределба на такви фотографии на сите пакувања цигари во ЕУ.

Адвокатот рекол дека Европската комисија вообичаено користи фотографии од базата на податоци кои се проверени и објавени со дозвола од прикажаната личност.