Ја омажиле на 13 години: Малолетничките бракови константен проблем во прилепскиот регион

Последните три години секоја година има по 10 малолетнички брака, но голем е проблемот што не се знае колкав број малолетници живеат во вонбрачна заедница


Останува проблемот со малолетничките бракови во Прилеп и општините Кривогаштани и Долнени, а целата заедница треба да ги зајакне превентивните мерки. Иако бројките на регистрирани малолетнички бракови последните три години се исти, секоја година по 10 малолетнички брака, голем е проблемот што не се знае колкав број малолетници живеат во вонбрачна заедница, смета Јасминка Митреска, социјален работник, раководител на служба за социјална заштита при Центарот за социјални работи во Прилеп.

Анализирајќи ги состојбите, вели таа, оние што склучиле малолетнички брак од муслиманската националност немаат завршено деветто одделение, а оние од ромската националност немаат ниту почнато образование. 

– Во нашава и уште во другите две општини, Кривогаштани и Долнени, последниве три години бројот е константен. Единствено што се менува за малолетничките бракови е според националноста. Во 2022 и во 2023 година, 70 насто од малолетничките бракови се од муслиманската националност, додека, пак, оваа година 60 насто се од ромската националност, вели Митреска.

Според законот, во брак може да стапат малолетници од 16 години, но покрај сета документација, треба да имаат и согласност од родителите. Во Центарот советодавно работи тим од социјален работник, психолог, педагог и правник. За состојбата со малолетничките бракови, Митреска како главна причина го посочува семејството.

– За оваа појава сметаме дека родителите се недоволно насочени кон децата дома. Се преокупирани, можеби, по други обврски, по работа, обезбедување егзистенција и не обрнуваат доволно внимание каде им се децата, што прават во слободното време, дали се на училиште. Пред сѐ, сите проблеми почнуваат од семејството. Анализирајќи ги состојбите, оние што склучиле малолетнички брак од муслиманската националност немаат завршено деветто одделение, а оние од ромската националност немаат ниту почнато образование. Тоа се огромни пропусти зашто кај нас се задолжителни и основното и средното образование, објаснува Митреска.

Потребно е превентивно да се делува. Во реоните каде има малолетнички бракови, но и на вонбрачни малолетнички заедници, а некаде веќе имаат родено и дете, треба да се организираат трибини, да се делат флаери, во училиштата да се посочува значењето на образованието.

-Но, останува ситуацијата дека родителите кои потпишале согласност за малолетнички брак, никаде не одговараат и никој не ги повикува пред законот. Малолетниците Центарот ги води како деца во ризик и преземаме мерки за помош и заштита, вели социјалниот работник Јасминка Митреска.

Директорката на прилепското средно училиште Жанета Видевска признава дека се соочуваат со проблемот малолетнички бракови. Но, нема ефекти советувањето кај оние кои решиле да го сторат тоа.

– Многу често се случува малолетни ученички во средното училиште „Ѓорче Петров“,  како во нашето така и во другите училишта, да влезат во малолетнички бракови пред полнолество. Реагираат родителите, пријавуваме во Центарот за социјални работи, пријавуваме и во МВР кои ја преземаат работата. Но, за да ги спречиме малолетничките бракови, често организираме работилници. Вклучени се професорите, педагошко-психолошката служба. Ученичките се повикувани на разговор, се советувани, но за жал, речиси никогаш не наидуваме на разбирање и го прават тоа што го наумиле, вели Видевска.

За зголемување на појавата, од својата непосредна работа со учениците говори Билјана Тинтоска, професорка во средното училиште „Ѓорче Петров“

-Во генерацијата каде предавам, и во прва и во втора, па и во трета година се случи девојчиња да се омажат. Бројките се зголемуваат, вели Тинтоска.

Средношколката Исидора Николски од училиштето „Ѓорче Петров“ вели дека нејзина другарка уште на 13 години се омажила.

– Мојата другарка од основно, уште на 13 години се омажи. Нејзините родители ја омажија во Битола за 24 годишно момче. Таа потоа роди дете, но по една година се разведе, ама поради тоа што е малолетна, има проблеми со старателството врз детето. Ова е тажна приказна и се надевам ќе се сфатат последиците од малолетничките бракови, вели средношколката Николоски.

Според Светската здравствена организација, секојдневно околу 39.000 млади девојки ширум светот се мажат пред да наполнат полнолетство. Повеќе од една третина од нив се помлади од 15 години.