Ја мести ли некој Билјана Ивановска околу пресметката во Центар?


Фото: Б. Грданоски

 

Многу шпекулации, многу полувистини, а можеби и некои подземни игри. Битката за скопската општина Центар се претвори во валкана пресметка. Кандидатот од ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, неколку пати објавуваше дека добива поддршка од поранешни кандидати и здруженија кои потоа јавно го демантираа.

Советничката листа „Шанса за Центар“ последниве денови испрати неколку соопштенија и имаше објави на Фејсбук во кои ја критикува работата на досегашниот градоначалник и учесник во вториот круг, Горан Герасимовски. Тоа многумина го протолкуваа дека таквиот став го дели независната кандидатка Билјана Ивановска, која беше поддржана од „Шанса за Центар“. Лабудовиќ тврдеше дека со Ивановска „имаат ист концепт и визија за Центар“ и дека очекува нејзините гласачи да го поддржат на 2 ноември.

Билјана Ивановска денеска реши да се дистанцира од нејзината злоупотреба од различни страни. Таа на Фејсбук напиша дека не прави пазар со партии ниту повикува гласачи.

„Да бидам јасна, ниту со партии пазар правам, ниту повикувам гласачи. Секој нека си гласа по свое убедување и одговорност“, напиша Ивановска.

Герасимовски во првиот круг победи со 8.535 гласа, по него беше Лабудовиќ со 5.707, а Билјана Ивановска освои 4.465 гласови.