Извршена и втората трансплантација на срце во Македонија


Во текот на ноќта меѓу петокот и саботата на Клиниката за кардиохирургија е извршена втората трансплантација на срце во историјата на Македонија. Срцето е пресадено кај момче бо неговите дваесетти години кое подолго време чекало донор. Момчето го доби срцето од девојка која загинала во сообраќајна несреќа, а нејзиното семејство дало согласност за донирање на нејзините органи.

Малку после полноќ, министерот за здравство Венко Филипче објави дека на Клиника во тек се подготовките за трансплантацијата.

„Петок на полноќ се прави подготовка за втора трансплантација на срце во историјата на нашата земја. Ова се дел од колегите на Кардиохирургија кои се дежурни вечерва, им посакувам многу успех на сите, да им држиме среќа“, напиша министерот.

Првата успешна трансплантација беше извршена во мај минатата година со срце од донор. Срцето на починатата Емилија Динева продолжи да чука во 53-годишниот Иван Огненовски, кој долго време чекаше донор.

Таа трансплантацијата беше извршена од тим на тројца кардиохирурзи под водство на Сашко Јовев од државната кардиохирургија, Жан Митрев од „Жан Митрев Клиника”, и Александар Николиќ од болницата „Аџибадем Систина”.