„Извлечете нѐ. Ќе ти бидам слугинка“: Драматично спасување на две мали сестри во Сирија

Уште една среќна приказна во регионот полн со трагедии. Спасувачите и во Сирија и во Турција покажуваат неверојатна пожртвуваност


Двете сестрички во провинцијата Идлиб беа извлечени од урнатините

 

Две деца заглавени меѓу бетон во остатоците од нивниот дом во северна Сирија се спасени повеќе од 36 часа откако земјотресот во понеделникот го зароби нивното семејство додека спиеја.

„Извлечете ме одовде, ќе сторам сѐ за вас“, им шепоти постарото дете на спасувачите кои на видеото се гледаат како клечат во урнатините на домот на децата во Беснаја-Бсеинех, мало село во Харам, Сирија.

„Ќе бидам твоја слугинка“, додава таа, додека спасителот одговара: „Не, не“.

Девојчето се вика Маријам и нежно ја гали косата по главата на нејзинината помала сестра додека лежат стиснати заедно во она што може да биде остатоци од нивниот кревет. Таа е способна да ја движи раката доволно за да го покрие лицето на сестрат, обезбедувајќи одредена заштита од прашината среде остатоците.

Името на помалото дете е Илаф, според нивниот татко – исламско име што значи заштита.

Мустафа Зухир Ал-Саед вели дека неговата сопруга и трите деца спиеле во раните утрински часови во понеделникот кога земјата се затресла со земјотрес со јачина од 7,8 степени, најголем што го погодил регионот во повеќе од еден век.

„Почувствувавме дека земјата се тресе… и урнатините почнаа да ни паѓаат над главата, а ние останавме два дена под урнатините“, рече тој. „Поминавме низ, чувство, чувство кое се надевам дека никој не мора да го почувствува“.

Закован под урнатините, Ал-Саед рече дека неговото семејство го рецитирало Куранот и гласно се молело некој да ги најде.

„Луѓето нѐ слушнаа и бевме спасени – јас, мојата сопруга и децата. Фала му на Бога, сите сме живи и им благодариме на оние што нѐ спасија“, рече тој.

Видеото покажува локалното население како се радува додека Маријам и Илаф ги носат од урнатините завиткани во ќебиња. Децата се пренесени во болница, каде што им е укажана медицинска помош.

Со секој час, надежта за пронаоѓање други семејства згаснува на ниските температури кои го отежнуваат преживувањето дури и на оние кои успеале да избегаат од урнати згради.

Домот на Ал-Саед е во провинцијата Идлиб, област контролирана од бунтовниците во северна Сирија, каде што загинаа најмалку 1.220 луѓе, според Сириската цивилна одбрана, група за хуманитарна помош попозната како „Бели шлемови“.

Групата во вторникот соопшти дека бројот на загинати и повредени „се очекува значително да се зголеми поради тоа што има стотици семејства под урнатините“.

Најмалку 1.280 смртни случаи се потврдени во делови на Сирија кои се под контрола на владата, објави државната новинска агенција САНА, со што вкупниот сириски биланс надминува 2.500.

Вкупниот број на загинати од земјотресот преку турско-сириската граница сега е повеќе од 9.400 – бројка за која хуманитарните агенции предупредуваат дека веројатно значително ќе се зголеми.

Помошта полека стигнува до оние на кои им е потребна, но дури и пред земјотресот, Обединетите нации соопштија дека на 70 отсто од населението во Сирија им е потребна хуманитарна помош.