НАТО денеска ќе расправа за нарушувањето на полскиот воздушен простор од страна на Русија
Претставници на 32-те земји членки на НАТО денеска во Брисел ќе разговараат за неодамнешното нарушување на полскиот воздушен простор од страна на Русија.
За таа цел не е свикан посебен состанок, изјави портпарол на Алијансата, што значи дека прашањето ќе биде разгледано во рамки на редовните консултации.
Разговорите се одржуваат во време кога во Берлин продолжува 72-та годишна сесија на Парламентарното собрание на НАТО. На пленарната седница се очекува да се обратат генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ќе се вклучи преку видео-врска.
Подоцна во текот на денот германскиот канцелар, Фридрих Мерц, ќе го прими Руте во Канцеларијата на сојузниот канцелар во Берлин.
Според полската Влада, три руски ракети во петокот навлегле во полскиот воздушен простор за време на руските воздушни напади врз Украина, по што се урнале во југоисточниот дел на Полска, земја членка на ЕУ и НАТО.
Руте во саботата за време на посетата на Полска, изјави дека Врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за Европа ќе направи сè што е во негова моќ за да утврди каде се ризиците за западниот систем на одвраќање и одбрана и да утврди дали се потребни промени.