Извесна е само неизвесноста: Што порачаа банкарите на средбата на Виенската иницијатива во Скопје

Имајќи ги предвид видовите на шоковите со кои што се соочуваме, клучно е монетарната политика да биде поддржана од фискалната политика, а растот на платите да биде во согласност со растот на продуктивноста, рече гувернерката Ангеловска Бежоска


 

Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска Бежоска, денеска порача дека инфлацијата забавува, но дека со цел да се сузбие на среден рок, порастот на платите треба да се усогласи со порастот на продуктивноста. Зборувајќи на средбата на Виенската иницијатива во Скопје, на панелот посветен на клучните предизвици за носителите на политиките: Монетарната и фискалната политика во услови на висока инфлација, Ангеловска Бежоска посочи дека пикот на инфлацијата кај нас е достигнат во октомври лани, но дека за нејзината идна динамика, потребно е да се продолжи со внимателна макроекономска политика, како и монетарната да ја има поддршката од фискалната политика.

Основна порака на денешната средба на Виенската иницијатива, беше дека неизвесноста е новата извесност што бара од носителите на политиките да дејствуваат активно, но внимателно.

„Гледаме позитивни сигнали. Инфлацијата го достигна врвот во октомври минатата година и од тогаш има надолен тренд. Базичната инфлација се стабилизира на почетокот на годинава, но важно е да се каже дека кај неа гледаме одредена упорност. Стабилизацијата на базичната инфлација коинцидира со намалувањето на инфлациските очекувања, плус гледаме намалување на учеството на компонентите во индексот на потрошувачки цени во високата инфлација. Кога велам висока, мислам над десет проценти, а тие се намалуваат веќе четири месеци“, рече Ангеловска Бежоска.

Таа нагласи дека динамиката на инфлацијата во земји како нашата доминантно ќе зависи од три фактори: опстојувањето на глобалните шокови на страна понудата, што е надвор од наша контрола; второ, од нашата ранливост на овие шокови, што во суштина се сведува на структурните карактеристики и не може да се смени преку ноќ, но треба да се работи на тоа. Во овој сегмент таа рече дека има позитивни сигнали во енергетскиот сектор, со зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија со значителен раст на кредитна поддршка од 75 отсто кај зелените кредити во изминатите две години, што ќе го олесни притисокот на среден рок.

„И на крајот, но не и помалку важно, мора да одржуваме внимателна (прудентна) макроекономска политика. Имајќи ги предвид видовите на шоковите со кои што се соочуваме, клучно е монетарната политика да биде поддржана од фискалната политика, а растот на платите да биде во согласност со растот на продуктивноста“, рече Ангеловска Бежоска.

„Министре Бесими, дали се согласувате“, праша модераторот на панелот, гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ, на што министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека мора да се работи на сите различни гледишта во однос на цените.

„Оваа година имаме малку поразлична проекција во однос на инфлацијата, но во однос на политиките се обидуваме да ја задржиме конзистентноста во мерките. Од буџетска гледна точка и од гледна точка на владините политики важно е да се обезбеди финансирање на она што го проектираме и она што беше посочено од ЕИБ дека сигурна е само несигурноста“, рече Бесими, осврнувајќи се на изминатата зима за која сите се подготвуваа да биде исклучително тешка, но сепак, овозможи простор за воспоставување рамнотежа меѓу монетарната и фискалната политика.

Тој очекува дека пролетта ќе овозможи порелаксиран амбиент во однос на трошоците, како и дека ќе се постигне рамнотежа.

„Но, економската активност останува пониска од тоа што го проектиравме. Се надевам дека во наредниот период ќе имаме подобри услови и дека ќе ги одржиме нашите начелни проекции“, рече Бесими.

Вујчиќ во воведот на панелот рече дека учесници на дебатата се претставници на мали и отворени економи кои се соочуваат со зголемена инфлација – меѓу 12 и 14 проценти (Македонија, Словачка, Црна Гора, Хрватска) што е значително повеќе од историскиот просек во изминатите 10-15 години од еден до три проценти.

„Причините за инфлацијата се исти, како што се и во светот, пост-ковид закрепнувањето, инфлаторните притисоци во 2021 година и потоа во 2022 година руската инвазија врз Украина, што беше уште еден шок на страна на понудата, како и порастот на цените на енергијата и на храната што уште повеќе ја разгореа инфлацијата“, рече Вујчиќ.

Тој посочи дека сега сме во ситуација во која што инфлацијата го достигна врвот, но сепак, основната инфлација останува сѐ уште висока.

„Знаеме дека монетарната политика е многу повеќе оспособена да се справува со базичната инфлација која е вообичаено движена од страна на побарувачката и со шоковите на страна на понудата, кои се можеби транзиторни“, рече тој.

Инаку во обраќањето, гувернерката Ангеловска Бежоска рече дека едно од главните прашања кои што се поставува е кои се причините за инфлацијата, како и дека точната дијагноза е потребна за соодветно калибрирање на политиките.

„Во случајот со Северна Македонија, а веројатно е слично и во други земји со слична структура и со отворена економија, имаме релативно бавно закрепнување, со сѐ уште негативен јаз во производството во однос на 2020. Би рекла дека доминантно е поради надворешни фактори на страната на понудата, но тие се проширија со многу силен интензитет, многу посилен во однос на ЕУ, како поради домашни структурни фактори, исто така и поради институционални фактори“, рече гувернерката.

Во однос на структурните фактори таа посочи дека Македонија е една од најотворените економии во Централна и Источна Европа, петти во однос на отвореноста, со 140 отсто отвореност. Според проценките на НБ, компонентите на домашната инфлација учествуваат со 11 проценти во вкупниот индекс на потрошувачки цени (ЦПИ) што е сосема поразлично од ЕУ, каде што учеството е повеќе од 30 проценти.

„Особено сме ранливи во делот на енергетиката и прехранбениот сектор, кои патем учествуваат со 51 отсто во нашиот индекс на потрошувачки цени, додека во ЕУ е 31 процент“, рече Ангеловска Бежоска.

Таа додаде дека поради ова не изненадува дека три четвртини од инфлацијата кај нас е движена од храната и енергијата како директен ефект.

„Енергијата има и индиректен ефект, бидејќи нашата економија е крајно енергетски неефикасна – трошиме три пати повеќе енергија по единица на БДП во споредба со ЕУ што значи дека овие шокови погодуваат многу производи влијаејќи и на базичната инфлација“, рече таа, додавајќи дека исти глобални шокови се проследени со посилен интензитет поради вакви структурни фактори.

Но, приказната не завршува само со структурните разлики, туку присутни се и други фактори – нивото на конкурентност на домашниот пазар, видот на политиките кои што се преземаат да се ублажат овие надворешни шокови, што во нашиот случај се комбинирани и фокусирани на најранливите, но од друга страна има студии кои покажуваат дека земји со пошироки мерки имаат пониска инфлација.

„Инфлацијата се покажа поупорна и со поширока основа, а тоа влијаеше на инфлациските очекувања како и во многу други економии и ја поттикна побарувачката за зголемување на платите“, рече таа додавајќи дека зголемувањето на платите лани просечно било 11 проценти, што е над просекот во земјите од централна и Источна Европа, на што треба да се посвети внимание, особено во земја како нашата каде што продуктивноста стагнира.

Ангеловска Бежоска исто така посочи дека Народната банка почна да ја затегнува монетарната политика почнувајќи од крајот на 2021 година, со повеќе мерки кои се однесуваат на ликвидноста и други мерки кои придонесоа за стабилизирање на инфлацијата. Таа е убедена дека централните банки нема да ги повторат грешките од седумдесеттите години кога инфлацијата остана висока цела деценија.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, во обраќањето на панелот рече дека Владата во координација со централната банка навремено презема мерки за намалување на инфлациските притисоци и преку постепена фискална консолидација да ја одржува макроекономската и фискалната стабилност. Во таа насока, тој ја истакна политиката за намалување на буџетскиот дефицит, кој беше 8,2 отсто од БДП во 2020, оваа година е проектиран на 4,6 отсто од БДП, а во наредните пет години треба да се сведе на три отсто од БДП.

„Владата презеде мерки за поддршка на граѓаните и компаниите за намалување на ценовните притисоци. Така, во првите два месеца од 2023 година имаме забавување на стапката на инфлација (во јануари 17,1 %, во февруари 16,7 %). Забавување бележат цените на енергијата, но цените на храната не го следат трендот на опаѓање на глобално ниво. Затоа и се презедоа дополнителни мерки што веќе се применуваат со замрзнување на цените на дел од основните прехранбени производи. Очекуваме дека преземените мерки ќе придонесат за стабилизирање на инфлацијата“, рече министерот Бесими.

На панелот учествуваа и Петер Кажимир, гувернер на Народната банка на Словачка, Радоје Жугиќ, гувернер на Централната банка на Црна Гора и Лилјана Павлова, потпретседателка на Европската инвестициска банка.

Според Павлова, одржливото инвестициско трошење и натаму ќе биде клучниот двигател на растот во Европа, и од јавните, и од приватните субјекти.

„Сметаме дека одржливите инфраструктурни проекти не треба да се одложуваат, бидејќи тие овозможуваат активности во синџирот што инаку не би биле возможни. Затоа, инвестициите мора да бидат сконцентрирани на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност, иновациите, дигиталните и одржливите инфраструктури, во согласност со приоритетите на секоја земја во која работиме“, рече Павлова.

На форумот исто така беше посочено дека знаците на забавување на инфлацијата се веќе видливи, но дека е рано да се прогласи победа. Клучно е да се зачува стабилноста на цените, како и финансиската стабилност, бидејќи тоа е единствениот начин да се зачува довербата на јавноста. Истовремено, финансиските системи треба да се приспособат кон преминувањето кон зелена и дигитална иднина.

„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ. Таа е формирана преку координација на Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, за време на првиот бран на Глобалната финансиска криза во 2009 година.

На форумот во Скопје учествуваат над 80 странски гости, високи претставници од меѓународните финансиски институции, гувернери на централни банки, вицегувернери, претставници од повеќе банки и домашни учесници. Учесниците доаѓаат од 14 земји од Европа.