Извештајот на ЕУ за Македонија: Од лошо полошо!
Планот на владата да се распуштат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е причина за „сериозна загриженост“ во Европската комисија
По лошиот извештај што го доби Македонија минатата година од страна на Европската комисија за тоа како се спроведуваа реформите во земјата, извештајот за 2023-та оди и едно скалило подолу, особено во борбата со корупцијата, каде што лани стоеше оценката дека „немало прогрес“, а годинава – дека резултатите „се влошиле“. Ако се исклучи економскиот дел и се следат само политичките оценки, тешко дека има област каде има подобрување – од изборниот процес, состојбата во правосудството, начинот на кој се гласаат законите (со брза постапка), соработката на партиите околу реформската агенда, Кривичниот закон…
Генерално, на почетокот на извештајот стои дека Македонија треба да ги имплементира „суштинските реформи“ потребни за да напредува во евроинтегративниот процес. Притоа, пораките не се во ракавици, па во делот за судскиот систем стои дека планот да се распуштат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е причина за „сериозна загриженост“ во ЕК, бидејќи тоа ќе ја намали независноста на судството. Од ЕК притоа препорачуваат дека место тоа властите треба да покажат прогрес во примената на препораките на Оценската мисија.
Извештајот не ги штеди ни членовите на Судскиот совет, оценувајќи дека место да разрешат судија од Апелацискиот суд за одолговлекување на високопрофилен коруптивен случај од поранешното СЈО, тие му изрекле само парична казна, што нашироко било оценето како јасна „потврда за политичко влијание“. Во истиот контекст се споменуваат и пазараењата за казните со Изет Меџити и Наќе Георгиев кои, според забелешката, во јавноста биле дочекани како млаки за вакви дела на вакви високопрофилирани личности.
„Независноста и непристрасноста на судството треба да биде унапредена. Надворешните или политичките влијанија предизвикуваат сериозна загриженост. Довербата во судството останува многу ниска“, стои во извештајот на ЕК, со додавка дека најавата за распуштање на двата совети, за судии и за јавни обвинители, исто така предизвикува сериозна загриженост.
Антикорупциска спомената во негативен контекст
Она што е куриозитет е дека во извештајот во негативен контекст е спомената и ДКСК иако директно не е именувана, преку оценката дека со премногу ригидна интерпретација на Изборниот законик биле забранети процедури за вработување на судии за време на изборите, што влијаело на ресурсите на судскиот систем. Во еден дел од извештајот се сугерира дека реформите само се пренесуваат од една во друга четиригодишна стратегија, и иако целите и нивниот редослед се добро определени, пари да се спроведат не се обезбедуваат, споменувајќи дека место буџет од 0,8 отсто судството сѐ уште добива само 0,29 отсто од БДП.
За корупцијата оценката е намалена и сега ЕК смета дека состојбата е влошена, место да има прогрес. За тоа, според ЕК, влијаеле загрижувачките трендови на одлагања на судењата и зголемениот број на повторени судења, т.е. вратени на почеток кои се однесуваат на корупција и организиран криминал. Како „круна“ се споменуваат измените на Кривичниот закон со кои се намалија казните, некои од процесите застареа и тие креираа неказнивост „за минатите и за идните кривични дела“.
Суспензијата на специфичната категорија на дела „злоупотреба на службената положба околу јавните тендери,“ според ЕК, е особено проблематична одлука. Со измените, оценува ЕК, и опсегот на делата и методите на истрага станале ограничени, што ја направило многу потешка работата на обвинителствата. За Јавното обвинителство за корупција и организиран криминал стои дека има недоволен буџет и недоволен број, особено финансиски експерти за да ефективно се справува со извршителите на вакви дела. Затоа ЕК оценува дека корупцијата и натаму преовладува во многу области и таа предизвикува сериозна загриженост.
Притоа, ЕК препорачува да се донесе нов Кривичен закон според европски и меѓународни стандарди (а не балкански), да се зголеми бројот на изречени пресуди во високопрофилни случаи, истрагите да бидат транспарентни, да се одземаат имотите стекнати со корупција и криминал, па и да се спроведе „конфискација на имоти од трети страни“.
Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија и во овој извештај стои како услов што треба да го исполни Македонија, но не се споменуваат директно како услов туку описно уставните реформи. Имено, во извештајот стои дека Македонија сѐ уште „не ги усвоила релевантните уставни измени, со вклучување во Уставот на граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од друг народ, како Бугарите, што земјата се обврза да го спроведе“. Тоа, а некој начин е и признание дека Македонците и Бугарите се два различни народа.
Веднаш потоа стои констатацијата дека Македонија е „добар пример за мултиетничко општество“ и дека „билатералните договори со соседните земји треба да се имплементираат со добра волја на сите страни“, споменувајќи ги и тој со Бугарија, и тој со Грција.
„ЕК очекува брзо и решително дејствување по скрининг извештајот за кластерот ‘Основи’, вклучувајќи и за патоказите на земјата што се на линија со Преговарачката рамка, за да се отвори првиот кластер што е моќно побрзо и тогаш кога релевантните услови ќе бидат исполнети“, мислејќи на уставните измени.
Изјавите на политичари ги влошија односите со Бугарија
Во делот, пак, на состојбата со процесот на евроинтеграција се споменуваат заклучоците на ЕУ, во смисла дека преговорите за првиот кластер ќе се отворат „кога уставните измени ќе бидат усвоени“.
Во делот специјално за односите со Бугарија се додава дека „се очекуваат опипливи резултати во имплементирањето на билатералните договори, вклучувајќи го Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија и неговите протоколи“ и дека таа обврска останува важна.
„Изминатите месеци односите меѓу двете земји беа негативно погодени од изјавите дадени од индивидуални политичари. Потребни се натамошни чекори да се промовира атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување“, препорачува ЕК.
Во делот на односите со Грција се споменува одбивањето на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да го користи уставното име на државата, како и на други функционери, со препорака и во спроведувањето на договорот со Грција од Преспа да има „опипливи резултати“.
ЕК се уште чека на изборните реформи
Во документот се споменуваат и изборните реформи при што се наведува дека претседателските и парламентарните избори одржани оваа година биле спроведени „главно задоволително“, биле конкурентни и на нив биле почитувани основните слободи, а изборното законодавство дава соодветна рамка за одржување на демократски избори.
„ Сепак, постигнат е ограничен напредок во однос на спроведувањето на препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОБСЕ/ОДИХР) и на Венецијанската комисија. Северна Македонија треба да ги спроведе препораките брзо и многу време пред следните избори“, се вели во текстот, при што се споменуваат правилата за финансирање на кампањите, пристапот до медиумите, финансирањето на партиите и изборот на членовите во ДИК.
Во врска со работата на Собранието се нагласува дека тоа ги извршува своите овластувања на претежно задоволителен начин, но дека и натаму продолжува политичката поларизација во него и беа одложено усвојувањето на важни реформи и неколку именувања…
„Парламентот треба внимателно да ја планира и усвои својата агенда и да ја ограничи употребата на брзи законодавни процедури или несоодветната употреба на процедурата „европско знаменце, што беше пракса досега“, се потенцира во текстот и се додава дека меѓупартиската соработка е од суштинско значење за да се забрза спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ во интерес на граѓаните.
Комисијата нагласува исто така дека е потребна реформа на локалната самоуправа и дека треба „повторно да започне дијалогот меѓу различните нивоа на власта“, што веројатно е мотивирано и од состојбата на релација Град Скопје-Влада.
ЕК гледа ограничен напредок и во слободата на изразување и препорачува да продолжи усогласувањето на правната рамка што ги регулира медиумите со правото на ЕУ и европските стандарди, особено со воведување правила за целосна транспарентност во сопственоста и рекламирањето на медиумите, конкуренцијата и државната помош и правата на интелектуална сопственост, да спроведе стратегијата за реформирање на Јавниот радиодифузен сервис и да продолжи да се справува со сите закани и акти на насилство врз новинарите.
Македонија едвај спомената на прес конференцијата во Брисел
На прес конференцијата во Брисел, на која зборуваа еврокомесарот Оливер Вархеи и високиот претставник за надворешна политика Жозеп Борел, Македонија едвај беше спомената. Радио Слободна Европа во својот извештај нашата држава, со БиХ и со Косово, ги нарече „навидум безнадежни случаи“, оценувајќи дека за разлика од лани, годинава нема голема вест околу проширувањето. Главните пораки, според медиумот, се кон Грузија, во која штотуку се одржаа избори што Борел ги оцени како полни со нерегуларности и побара транспарентна истрага, а нивниот евроинтеграциски процес е замрзнат.
Тема на прес конференцијата беше и Србија, која беше препознаена во пораката (која инаку важи и за другите кандидати за членство) дека не може некоја држава да води бизнис со Русија како вообичаено и како да не се случува агресијата на Украина – и да мисли дека ќе стане земја членка на Унијата! Тој јасно порача дека тие што сакаат да влезат во ЕУ мораат да ги споделуваат и вредностите и геополитичките цели на Унијата.
Инаку, иако годинава извештаите не добија вообичаен третман во Брисел поради изборните смени во ЕК и поради празник и не се одржа прес конференција во Скопје. Но, евроамбасадорот Михалис Рокас веќе го даде извештајот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Ова патем беше последна презентација на извештаите од еврокомесарот Вархеи, кој оди на друга позиција.