Извештај на ЕК: Пораснало производството на струја од фотоволтаици, но и понатаму сме зависни од јагленот
Производството на електрична енергија од фотоволтаични централи во земјава пораснало за 287 отсто за само една година. Сепак, и покрај тоа земјава останува зависна од јагленот што се користи во двата најголеми енергетски капацитети. Според извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, термоелектраните РЕК Битола и Осломеј продолжуваат да работат на јаглен од ограничени домашни ресурси и од увоз. Од друга страна, инсталираната моќност на електраните од обновливите извори на енергија се зголемила на 50 отсто од вкупниот инсталиран капацитет на електрична енергија и на 33 отсто од вкупното производство на електрична енергија. Најзабележителен е порастот на производството на електрична енергија од фотоволтаични централи во 2023 во споредба со 2022 година од 287 отсто.
Како што се нотира во извештајот, домашното производство на електрична енергија изнесува 97,25 отсто од бруто потрошувачката на електрична енергија, додека само 2,75 отсто се обезбедени од увоз. Мрежните загуби се 13,80 отсто, што е високо според меѓународните стандарди.
Законодавството за оценка на влијанието врз животната средина и понатаму е проблематично и не гарантира спроведување на квалитетни оценки на влијанието врз животната средина кога се работи за стратешки енергетски проекти. Во извештајот стои и дека нема подобрувања во подзаконските акти кои се однесуваат на скрининг процесите за малите хидроцентрали. Законите се делумно усогласени со европските директиви, а пробламатична е и имплементацијата.
Елена Николовска од Еко свест вели дека една од најалармантните забелешки во извештајот за секторот енергија е дека не постои соодветна евалуација на политиките, ниту оценка за степенот на имплементација. Тоа се рефлектира и со неспроведување на енергетските цели од моменталната верзија на Стратегијата за енергетика.
„Ова го движи секторот во различни и спротивни насоки што секако испраќа збунувачки сигнали до инвеститорите, бизнисите и граѓаните заинтересирани за производство на енергија од обновливи извори на енергија и ги остава регионите со јаглен целосно неподготвени за енергетската трансформација која секако ќе следи. Потребно е да бидеме доследни на политиките, целите и меѓународните договори и пактови кои сме ги потпишале и доколку сме се заложиле за климатска неутралност до 2050 тоа и да го рефлектираме во пракса“, вели Николовска.
Владата го усвои патоказот за праведна транзиција во јуни 2023 година, кој вклучува конкретни активности што треба да се преземат во регионите на Битола и Кичево на краток рок до 2025 година, на среден рок до 2027година и на долг рок. Постои и Инвестициски план за забрзана транзиција од јаглен во рамките на Климатскиот инвестициски фонд, но се уште се чека на имплементација.
Извештајот се осврнува и на неколкуте ревизии кои Државната комисија за спречување на корупцијата ги изврши во компании во енергетскиот сектор и констатира дека МЕПСО и ЕСМ треба повеќе да се фокусираат на дигитализацијат и на транспарентноста на јавните набавки и другите постапки за планирање на активности и инвестиции.