Израелска делегација на одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на Евреите


 

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од израелскиот парламент – Кнесет, предводена од Хамад Амар, претседател на парламентарната група за пријателство и соработка помеѓу Државата Израел и Република Северна Македонија.

Членовите на Кнесетот престојуваат во посета на земјава по повод одбележувањето на 80-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка.

Осврнувајќи се на претстојните комеморативни настани, на кои ќе се оддаде достојна почит за загубените животи на Евреите, претседателот посочи дека Северна Македонија ќе продолжи со своите заложби и политики за сеќавање на холокаустот и борбата против антисемитизмот, како наша заедничка историска и цивилизациска одговорност.

На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете држави на сите полиња, а беше посочена и улогата на еврејската заедница во  Македонија и беше изразено уверување дека таа и натаму ќе продолжи да го дава својот активен придонес за севкупниот развој на државата, како и во негувањето на пријателските односи меѓу двете земји.

Делегацијата беше примена и од премиерот Димитар Ковачевски. Претставниците од Кнесетот ги поздравија политиките на дијалог и разбирање, преку коишто Македонија гради едно општество за сите граѓани на домашен план и ги развива односите со соседите во регионот, што е во функција на одржувањето на мирот и стабилноста во Европа и светот.

Оценето е дека билатералниот договор меѓу владите на Македонија и Израел за електронски комуникации и поштенски услуги, потпишан во февруари оваа година, обезбедува солидна, правна основа за натамошно проширување на односите во различни полиња од заеднички интерес.

Владата посветува големо значење на еврејската заедница во нашата земја, која е многу почитувана – и во претстојниот период, во контекст на предвидената дебата за уставните измени, премиерот Ковачевски ќе предложи вклучување и на Евреите во Уставот на Македонија и се надева дека ќе биде широко прифатено од сите политички субјекти во земјата.