Изненадување во Синсинати: Алкараз елиминиран во второто коло од 37-годишен ветеран

Третиот тенисер во светот и втор носител на АТП турнирот од серијата Мастерс 1000 во Синсинати, Шпанецот Карлос Алкараз доживеа неочекуван пораз во 2. коло од 37-годишниот француски ветеран Гаел Монфис. Во четвртокот Алкараз го доби првиот сет со 6:4, но мечот беше прекинат поради дожд при 6:6 во вториот сет. Во петокот во продолжение Монфис го доби тај-брејкот, а потоа и третиот сет со 6:4.
Од друга страна, првиот носител Италијанецот Јаник Синер без борба стигна до четвртфиналето бидејќи Австралиецот Џордан Томпсон му го предаде мечот.
Во женска тениска конкуренција во четвртфиналето без проблеми се пласираше светскиот рекет број еден, Ига Свјонтек од Полска, која со 6:2, 6:2 ја совлада Украинката Марта Костјук.