Измените во Законот за игри на среќа го запалија алармот кај обложувалниците и вработените во секторот
Измените во Законот за игри на среќа кои се во собраниска процедура, ги вжештија односите на релација организатори на игри на среќа и спортски обложувалници од една страна и Министерство за финансии од друга.
Новото законско решение предвидува оддалеченост на објектите во кои се приредуваат игри на среќа и забавни игри да биде најмалку 500 метри од образовни институции, подигнување на критериуми и услови за добивање лиценца и значително зголемување на давачките за приредувачите на игри на среќа и забавни игри.
Исто така, со цел да се оневозможи лесниот пристап на малолетните лица со Законот се предлага и воведување ограничување на бројот на уплатно-исплатни места на обложувалниците, како и ограничување на бројот на деловните простории на автомат клубовите што се отвораат со една издадена лиценца, како и воведување надомест за секое ново уплатно-исплатно место, односно деловна просторија за автомат клуб.
„Апелираме до законодавната власт за побрзо донесување на ова законско решение, но од друга страна апелираме и до приредувачите на игри на среќа и забавни игри да не поднесуваат барање за отварање уплатно-исплатни места на игри на среќа во близина на образовни институции, затоа што со донесувањето на новото законско решение истите ќе треба да се затворат“, посочуваат од Министерството за финансии.
На ова реагираа од Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) и од Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“.
„Во името на 10 илјади вработени во оваа економска дејност, уште еднаш предупредуваме дека предлогот за дислокација на 500 метри од образовните институции е предлог за целосно затворање на објектите за игри на среќа, губење на нашите работни места со драматични последици по целата македонската економија. Заблуда е дека постои решение ем да се дислоцираат 500 метри, ем да продолжат објектите за игри на среќа да работат. Заради постоечката урбанистичка поставеност и планирање, овој услов е невозможно да се исполни. Дислоцирањето на 500 метри од една значи дека истиот објект ќе биде поставен на помалку од 500 метри од друга образовна институција. После усвојувањето на едно вакво избрзано решение, ќе почне отворање „диви“ играчници, надвор од регулацијата на надлежните институции, каде младите навистина ќе станат таргет. Аргумент за ова е аферата „Детонатор“, од 2011, кога полицијата заплени 1500 на црно поставени покер апарати во нелегални играчници“, посочија од „Сакам да работам“, прашувајќи дали ќе треба да стават клуч и да ги отпуштат вработените.
„Некој буквално си игра со судбината на една сериозна економска дејност која вработува 10 илјади луѓе, индиректно помага меѓу 54 до 100 илјади други работни места, секоја година придонесува со најмалку 280 милиони евра во државниот Буџет“, се вели во реакцијата, при што се додава дека доколку нивните барања бидат отфрлени, ќе бидат принудени да излезат на масовни протести со кои ќе бараме заштита на правата.
И Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) остро реагира на предлогот на Министерството за финансии да се усвојат предлог измените за Законот за приредување игри на среќа со кои ќе се обезбеди 500 метри оддалеченост на обложувалниците од образовни институции, како и подигнување на критериуми и услови за добивање лиценца и значително зголемување на давачките за приредувачите на игри на среќа и забавни игри, кој од јуни лани е во собраниска процедура.
„Предлогот за оддалечување на деловните објекти од училиштата го отфрламе како целосно неприфатлив, а пак барањето за зголемувањето на давачките е целосно контрадикторно со предлог измената за воведување растојание помеѓу деловните објекти, бидејќи истото значи затворање на речиси 98 проценти од објектите. Во многу наврати досега посочивме дека ваквиот предлог е практично невозможно да се спроведе на терен, бидејќи дистанцирање од една образовна институција едноставно го доближува објектот до друга. Така, растојанието од 500 метри значи целосно затворање на сите објекти во кои се приредуваат игрите на среќа и гасење на цела една легална стопанска гранка“, се вели во нивната реакција.
Тие потсетуваат дека влезот на малолетни лица во обложувалниците е целосно регулирано со Закон, казните за непочитување на овие членови се високи и најстрого внимаваме да нема никакви прекршувања.
„Уште еднаш потсетуваме дека донесувањето на предлог измените за Законот за приредување игри на среќа со сигурност ќе значи губење на работните места на повеќе од 8.000 директно вработени во дејноста, како и работните места на повеќе од 50.000 останати работници кои зависат од работењето на оваа стопанска гранка, но и губење на околу 253 милиони евра буџетски средства кои по сите основи од работењето на оваа стопанска дејност се влеваат во државниот и локалните буџети“, се вели во нивната реакција.
Воедно, потсетуваат и дека Република Северна Македонија е единствената земја во регионот која нема он-лајн игри на среќа, со што индустрија дополнително трпи штети, а државата нема слух да овозможи он-лајн игри на среќа преку сајтовите на македонските лиценцирани обложувалници.
Исто така, реагираат и дека оваа стопанска дејност дополнително е оштетена од страна на Владата, бидејќи е исклучена од владините мерки за енергетската криза.
„Дополнителните најави за понатамошно зголемување на електричната енергија на светските берзи ќе доведе до неможност за подмирување на обврските и сигурно гасење на целата стопанска дејност“, велат од АСОМ, потенцирајќи дека предлог измените на законот се целосно неприфатливи и се подготвени да ги искористат сите механизми за да спречат тој да се донесе.
Инаку, измените и дополнувањата на Законот за игри на среќа и за забавни игри, кој е подготвен од Министерството за финансии, е повеќе од една година испратен во Собранието на РСМ и е во собраниска процедура, во прво читање. Односно во јуни 2021 година е испратен во Собранието, а на дневен ред на седница на Комисијата за финансирање и буџет, како матично работно тело, беше ставен на разгледување на 34-тата седница закажана за 9 февруари 2022 година, на истата не се изгласа ниту дневниот ред. Оттогаш не е закажано ново продолжение на седницата за да може да се разгледа ова законско решение кое е насочено пред се да ја заштити малолетната популација од стекнување несоодветни навики, велат од Министерството за финансии.