Изложбата „Три круга за да бидам таму“ патува во Крагуевац


На 6 јули 2023 година во Малиот ликовен салон при Народниот музеј Шумадија во Крагуевац, Република Србија, ќе биде поставена изложба на дигитални графички дела на авторката Марија Чепишева, насловена „Три круга за да бидам таму“, а ќе трае до август.

Инспирација за овој циклус, симболично претставен во трите круга, се трите периоди во нејзиниот живот.

„Животот е круг, а во него сме сите ние. Исполнет со предизвици, надежи, соништа, спомени од моменти кои не врзуваат и ни ги исполнуваат нашите мисли и ни го дефинираат нашето постоење-тоа е животот. Мириси кои не потсетуваат на детството, но и bоженствениот и раскошен божур кој пак ме потсетува на мојата мајка. Во животот имаме моменти кои ни предизвикуваат болка, но исто така имаме моменти кои нѐ охрабруваат да чекориме напред, кон соништа, мечти од кои некои се исполнуваат, но има и такви кои остануваат да бидат исполнети“, вели Чепишева.

Делата се работени во еден нетипичен и недоволно истражен графички пристап. Концептот е сплет на традиционален и дигиталн начин на изработка на графичките листови во еден современ манир, користејќи се со компјутерска алатка со која се дефинираат делата. Истите отпечатени повторно доживуваат рачна доработка. Така графичкиот лист како оригинален добива една друга димензија.

„Овој цикулус на графички дела го посветувам на мојата голема бесконечна љубов, една и единствена, мојата ќерка Деа“, додава таа.

Изложбата беше поставена во април, 2023 година, во галеријата на МКЦ и беше поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, додека пак изложбата во Крагуевац доби поддршка од Друштвото на македонски ликовни уметници на Србија и од Народниот музеј на Шумадија од Крагуевац.

Марија Чепишева е родена во 1975 година во Скопје. Дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1999 година и на истиот во 2023 година магистрира на отсекот графика. Добитник е големата графичка награда на ДЛУМ, чиј член е од 1999 година, како и добитник на откупна награда на Националната Библиотека Климент Охридски – Скопје. Има учествувано на голем број изложби дома и во странство.