Изложба на скулптури на Марјан Стојаноски во КИЦ на Северна Македонија во Софија


Во галеријата на КИЦ на Република Северна Македонија во Софија денеска ќе биде отворена изложбата „Панта реи“ на македонскиот уметник Марјан Стојаноски, јави дописникот на МИА од Бугарија.

Оваа прва самостојна изложба на Стојаноски во Софија е составена од ротирачки скулптури изработени со метални и дрвени елементи. Делата се создадени во изминатите две години, а годинава беа претставени во Скопје.

Изложбата ќе биде отворена до 31 август 2022 година.

Стојаноски е роден во Прилеп во 1983 година, средното образование го завршил во Уметничкото училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а студиите на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Ибрахим Беди.

Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија – ДЛУМ. Двапати беше претседател на здружението на уметници од Прилеп. Во 2015 година ја доби наградата за скулптура „Јордан Грабул“.