Изложба на фотографии од Ник Кејв за старт на „Скопје синема сити“


Осмото издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“ ќе се отвори со изложба на српскиот рок-фотограф Немања Ѓорѓевиќ. Изложбата е насловена „Деј лонг фор д лајт оф јор тач“ и е комплетно посветена на годинешниот лауреат на фестивалот, Ник Кејв, кој ќе добие признание за животно дело. Изложбата ќе се отвори на 29 јуни, со почеток во 20 часот, во галеријата на КИЦ.
Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура, Кинотеката, Културно-информативниот центар, здружението на Србите во Македонија „Спона“, а во организација на здружението „Номад-арт“.
Немања Ѓорѓевиќ е рок-фотограф, видеорежисер и уредник на порталот „Балканрок“ и зад себе има голем број самостојни изложби: „Расчекор“ (2012), како дел од турнејата на бендот „Блокаут“, „Сенките на звукот“ (2015), „Небесна тема“ (2016) посветена на Влада Дивљан, „Искреност“ (2017), „Beating Drum is a Heart“ (2020) и „Марк Ланеган: Ланегановиот пат кон утрешнината“ (2022).
Тој учествувал и на голем број групни изложби, меѓу кои се истакнуваат традиционалните „Рок-моменти“. Исто така имал изложби во рамките на фестивалот „Егзит“ во Нови Сад, „Арсенал фест“ во Крагуевац, „Демофест“ во Бања Лука и „Дум дум фест“ во Лесковац.
На неговата изложба во КИЦ ќе бидат претставени фотографии од многубројните концерти на Ник Кејв во Белград, Загреб и Нови Сад и ќе биде премиерно поставена во регионот.