Изложба на документарни фотографии од претставници на Либеречката школа за фотографија од Чешка


Во градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп ќе биде отворена ретроспективна изложба на документарни фотографии изработени од претставниците на Либеречката школа за фотографија – LŠF од Чешка.

Изложбата воедно ќе биде и завршен настан за годинашната меѓународна уметничка колонија на Центарот за уметност и одржлив развој АРТ ПОИНТ – ГУМНО од село Слоештица, Демир Хисар, кој годинава одбележува 20 години постоење.

– Соработката со Либеречката школа за фотографија – LŠF е меѓу позначајните меѓународни соработки што АРТ ПОИНТ – ГУМНО ги реализира во изминативе 20 години. Професорите и одбрани студенти од оваа школа, досега, во два наврати реализираа престој во креативниот центар во Слоештица, информираат организаторите.

Групата што гостува во Слоештица во периодот од 8-20 август, крстосува низ селата од горно-демирхисарскиот регион и преку своите фотографии ја раскажува приказната за неисцрпното природно и културно богатство што исчезнува.

Во просторот на прилепската библиотека, публиката ќе има можност да види 17 фотографии на коишто буквално е отсликано секојдневието на демирхисарските села. На изложбата ќе биде изложено и едно платно: „Фотографот од Либерец“ што Сергеј Андреевски го има насликано во чест на фотографите од Либерец.

Поставката ќе биде отворена до 31 август, а престојот на чешките фотографи во Слоештица е поддржан од македонското Министерство за култура, а нивното патување е овозможено од ЕУ во рамки на програмата Креативна Европа „Културата ја движи Европа“.