Изложба „Дијаграми на отелотворување“ на Иванчо Талевски ќе биде отворена во Охрид
Самостојната изложба „Дијаграми на отелотворување“ на уметникот Иванчо Талевски ќе биде отворена вечер во Куќата на Робевци (НУ Завод и Музеј – Охрид). Ова е прва самостојна изложба на авторот во Охрид.
Почнувајќи од 2015 година, за време на честите патувања на релација Битола – Филаделфија, авторот Иванчо Талевски преку своите цртежи ги бележи времето и просторот, реагирајќи на различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации. Создавањето на овие дела започна како начин на осознавање и истражување на овие две средини, откривајќи неочекувани точки на вкрстување. Овој процес генерира еден вид меѓупростор кој обединува наизглед неспојливи елементи, идеи, настани и идентитети.
Цртежите ги следат одгласите и реверберациите во физичката средина. Нивната постапка е блиска до хаику поетиката: неримувана и фрагментарна, со силен нагласок на моментот и просторот. Овој творечки чин резултира со колекција од фрагменти кои се мобилизираат преку рефлексивни практики, соработки и генеративни хипотези. Цртежот овде се наметнува како најсоодветен медиум за доловување на непосредните траги од трајниот сооднос меѓу телото и тлото, меѓу различните географски точки и јазици.
Цртежите во овој проект произлегуваат од секојдневните прошетки низ двата града и укажуваат на актуелни настани кои бараат преиспитување и рекалибрација на минатото, но и замислување на потенцијалните иднини.
Иванчо Талевски (1983) е мултидисциплинарен ликовен уметник и професор кој живее и работи на релација Битола – Филаделфија, САД. Во своето творештво користи стратегии на цртеж, графика, сликарство, звук и инсталации за да отвори прашања поврзани со социјалните и политичките состојби, фокусирајќи се на теми како што се индивидуалната и колективната меморија, припадноста, носталгијата, историјата и границите, како и нивното опстојување и бришење.