(ВИДЕО) Заев, Вархеји и Едштадлер од вакциналниот пункт: Ова е само почеток на помошта


„Ова е многу добар ден за Западен Балкан и прекрасен ден за Северна Македонија. Конечно можеме да ги испорачаме првите вакцини. Гледам зад параваните дека кампањата за вакцинација е почнат. Не беше лесно, работевме со огромна помош и напор на австриската влада за да се случи ова и да ви покажеме дека ни е грижа за вас“, рече еврокомесарот Оливер Вархеји  во изјавата дадена во вакциналниот центар „Борис Трајковски“ по повод предавањето на првата пратка вакцини „Фајзер/БионТек“ обезбедени од ЕУ. 

„Ние како ЕУ сме  покрај Западниот Балкан од почетокот на епидемијата и ќе продолжиме да му помагаме и натаму. Ова е само почеток, ќе има уште вакцини. Се надеваме дека ќе ве придружуваме до крајот на кампањата за вакцинација“, рече тој нагласувајќи дека вакцините што ги донесе и ќе ги донесе во име на ЕУ, вкупно 120.000 вакцини само за Северна Македонија, ќе бидат испорачани до крајот на август – како подарок и целосно платени од Унијата, за да ја надмине пандемијата што е можно побрзо. 

Австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер, оцени дека вакцините ќе ја сменат „играта“, т.е. ситуацијата со пандемијата.

-Никој не е безбеден ако сите не сме безбедени. Оваа пандемија навистина предизвика многу страдање ширум Евроопа и светот, и не е завршена.Центрите за вакцинација се места на надеж, а денешниот ден исто така е ден на надеж. Горда сум дека Австрија го олеснува испорачувањето на шрвите вакцини за Западниот Балкан – 650.000 за целиот регион и 120.000 за Северна Македонија, рече таа. Според неа гестот е знак на посветеноста на Австрија на регионот, која се залага Западниот Балкан да биде во центарот на политиката на ЕУ.

-Само со заеднички сили можеме да ставиме крај на оваа пандемија, порача таа.

Околу тоа дали Македонија ќе добие одлука за почнување преговори во јуни еврокомесарот Вархеји рече дека тоа е тешко прашање, дека мора да се работи напорно и се уште не е стигнато до таа цел.

-Сите земји членки на ЕУ треба да се согласат околу оваа одлука, што значи дека треба да се најде решение за случајот со Северна Македонија.  Околу тоа дали е можно одвојување на Албанија,  процесот се заснова на заслуги, а Албанија ги исполни условите, така што ако  не се постигне договор за преговорите со Северна Македонија ќе дојде и тој момент, да се разгледуваат и други опции. Но, лично се надевам дека тоа нема да се случи, рече Вархеји, додавајќи дека со премиерот Заев разговарале за тоа и се договориле дека треба да се најде решение. 

За неговиот став да не драматизираме и дека Македонија треба да одговори на бугарските барања искажан пред Европскиот парламент, дали се уште стои зад тоа, Вархеји рече:

-Тешко е да не се зборува за драма по вето. Ветото само по себе е драма. Она што правиме сега е да се вратиме во нормалноста што е можно побрзо, а тоа е да се постигне договор меѓу двете земји, што значи закажување на првата меѓувладина конференција меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сега работиме на тоа, рече Вархеји. 

Околу ставот на Австрија за преговорите на Македонија повика на договор и австриската гостинка.

-Западен Балкан заслужува веродостојна европска перспектива, особено Северна Македонија. Се надевам дека ќе се тргне блокадата на Бугарија и дека Македонија ќе остане на масата за преговори, како и другата страна, да продолжат со разговорите. Австрија стои зад Северна Македонија и зад Албанија. Ние се бориме за тоа од времето на  претседателството на Австрија. Ќе ги поддржиме и двете страни, Северна Македонија бидејќи направи многу, но и другата страна, зошто сме дел од ЕУ и ги поддржуваме земјите членки. Не смееме да изгубиме време и да го изгубиме овој моментум. Западниот Балкан е многу важен за ЕУ од безбедносна точка и се надевам дека сите земји ќе останат на масата за преговори, рече австриската министерка.

– Зад нас останува периодот кога тешко се стигнуваше до вакцините и сите показатели и динамиката на пристигање на вакцините во претстојнииот период најавуваат дека во тој поглед имаме сериозни промени на подобро. Сепак и во такви услови солидарноста на ЕУ за нејзините земји членки, како и за земјите кандидати за членство во Унијата не изостана,  изјави премиерот Зоран Заев.

Според него, преку оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан што ја координира Австрија пристигна првата испорака од 4.850 дози од вкупно 19.890 што се предвидени да бидат испорачани во месец мај.

-Дополнително денес добиавме и 4.850 дози набавени врз основа на директен договор склучен со овој производител со Фајзер. Со редовните месечни количини вкупните 119.213 Фајзер вакцини од оваа програма ќе бидат целосно испорачани до крајот на август. Со овие вакцини заедно со целата останата количина што веќе ја имаме во нашата земја, како и со сите останати договорени да пристигнат во нашата земја во наредниот период, па се до крајот на годината влегуваме во широка и обемна имунизација на севкупното население во земјата,  рече Заев.

Тој очекува вкацинирањето да тече без престан, бидејќи обезбедени се ефикасни и безбедни вакцини и апелираше до сите граѓани да се пријават на Вакцинација.мк. за да добијат термин за вакцинирање.

-На овој начин, со заинтересираност на населението, со обезбедени вакцини и со добро организиран систем на вакцинацијата очекуваме да се промени целокупната слика на епидемијата во позитивна смисла и полека да стигнеме до колективен имунитет.  Се разбира овие охрабрувачки процеси не треба да влијаат да попушти вниманието и претпазливоста. Паралелено со масовната вакцинација да продолжиме со примена на мерките за лична заштита се додека епидемиолозите  и ИЈЗ не донесат други препораки, посочи Заев.

Владата и МЗ, додаде тој, веќе го иницираа формирањето на дополнителни регионални вакцинални пунктови во Битола Охрхид, Штип, Кавадарци,Тетово и Куманово, а многу бргу такви пунктови, рече ќе бидат отворени и во Велес и Прилеп.  

Во однос на солидарноста на ЕУ и земјите членки премиерот Заев потсети дека 9 милиони евра од ЕУ беа издвоени за асистенција на здравствениот сектор со коишто се обезбедија 25 респиратори, преку 35.000 единици специјализирана медицинска опрема и над 1,6 милиони парчиња опрема за лична заштита. Од програмата на ЕУ  од фондовите на ЕУ беа издвоени, додаде тој, уште 40 милиои евра за поддршка на 2.500 микро и мали компании со што беа сочувани повеќе од 2.100 работни места. Други 24 милиони евра поддршка беше обезбедена за програмите за економски раст и за намалување на младинскта невработеност на над 7.000 млади луѓе на кои им беа понудени програми за преквалификација за да бидат конкурентни на пазарот на трудот во оваа времена пандемија.  ЕУ, посочи Заев, обезбеди финансиска поддршка во висина од 160 милиони евра за макрофинансиска асистенција на буџетот кои беа лоцирани во различни мерки со економските пакети за поддршка на стопанството за справување со социо-економските последици од пандемијата со Ковид-19.