Изградбата на коридорите 8 и 10-д ќе го зголемува БДП по два отсто годишно, вели Ковачевски

Во фокусот на годинашниот самит на „Македонија 2025“ е создавање на просперитетна економија преку поголема употреба на дигиталните алатки и стратешко лидерство


Инвестициите во коридорите ќе придонесат за нови 8 илјади вработувања, од кои 3 илјади директни и 5 илјади индиректни: Димитар Ковачевски

 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека изградбата на коридорите 8 и 10-д ќе го поттикне економскиот раст и ќе влијае врз номинален пораст на домашниот бруто-производ од два отсто годишно. Во обраќањето пред учесниците на годинашниов самит на „Македонија 2025“, Ковачевски рече дека инвестициите во коридорите ќе придонесат и за нови 8 илјади вработувања, од кои 3 илјади директни и 5 илјади индиректни вработувања.

 „Со изградбата на коридорите 8 и 10-д Северна Македонија влегува на картата на Европа како раскрсница и ќе направат да бидеме интерсекција на два важни коридори“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека инвестицијата ќе овозможи околу 650 милиони евра да се влеат во македонската економија, со оглед дека проектот чини најмалку 1,3 милијарди евра, од коишто, според договорот, 51 процент треба да бидат ресурси кои што се македонски компании.

„Економските импликации од реализацијата на овој проект се повеќекратни, тие ќе значат нови вработувања и нови пари од буџетот за инвестиции што ќе има влијание врз бруто домашниот производ“, рече Ковачевски.

Така, како што посочи, согласно физибилити студијата директно поврзани се 3 илјади нови вработувања, а дополнително се очекуваат и 5 илјади нови вработувања во индиректните дејности, коишто ќе бидат логистика на овој голем инфраструктурен проект, или вкупно околу 8 илјади нови работни места во државата.

На овој престижен регионален настан своите искуства и знаења со публиката денеска и утре ќе ги споделат околу 40 говорници, врвни експерти во својата област

„Од аспект на инвестицијата, вредноста на проектот е проценет на 1,3 милијарди евра што за период од пет години во кои што ќе се изведува, ќе значи номинално два проценти зголемување на домашниот бруто-производ, на годишно ниво“, нагласи Ковачевски додавајќи дека станува збор за пари од Буџетот наменети исклучиво за инвестиции.

Ковачевски се осврна и на планот за заздравување и забрзување на економскиот раст во следниот период со кој, како што рече ќе се преземат мерки кои ќе го забрзаат растот на десетгодишниот просек од 2,5 проценти, како и дека планот се однесува на поттикнување на раст на јавните и приватните инвестиции и за фискална консолидација.

Тој додаде дека како резултат на политиките на Владата за подобрување на адекватноста на пазарот на труд преку активните програми за вработување, стапката на невработеност континуирано се намалува, но и дека се зголемува стапката на вработеност.

„Во изминатите осум години стапката на невработеност е намалена за осум процентни поени, додека стапката на вработеност кумулативно за истиот период е зголемена за 9,5 проценти. Така што, оние аналитичари кои што велат дека намалувањето на стапката на невработеност е заради иселување на луѓето, не може да им се потврди тоа со оглед дека има зголемување на стапката на вработеност во државата“, рече Ковачевски.

Во однос на инфлацијата, тој посочи дека од октомври наваму секој пат бележи пад месец за месец.

Инаку во фокусот на годинашниот самит на „Македонија 2025“ е создавање на просперитетна економија преку поголема употреба на дигиталните алатки и стратешко лидерство. Посебен акцент е ставен на дигиталната трансформација, зајакнувањето на претприемачките капацитети, иновациите во функција на поголема конкурентност и холистичкиот пристап преку примена на ЕСГ стандардите („Environment, Society, Governance).

Не е важно дали одиме лево или десно, важно е дали одиме напред или назад: Мојсоска-Блажевска

Во воведното обраќање, извршната директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажевска, меѓу другото рече дека се наоѓаме во тежок период со многубројни економски и геополитички предизвици кои што се надоврзаа на тешкиот период на ковид пандемијата, енергетска криза, висока инфлација, ниски стапки на економски раст и тн.

„И дома и надвор ова е период на растечки поделби“, рече Мојсоска-Блажевска. Додавајќи дека во еден ваков период е навистина тешко да се размислува за долгорочниот развој.

Таа нагласи дека сите имаме одговорност, најпрвин кон самите себе, кон семејствата, идните генерации да обезбедиме подобра и просперитетна иднина, повисок животен стандард и поквалитетен живот.

Токму сето ова е основа на платформата за просперитетна иднина на „Македонија 2025“ која предлага пристап за обединување на сите заинтересирани страни за тоа како да го поддржиме и како да го поттикнеме економскиот развој, посочи таа.

„Сметаме дека приближувањето кон стандардот на ЕУ може да се постигне преку напредок во седум клучни области во кои влегуваат образованието и човечкиот капитал, конкурентноста, владеење на правото и борба против корупцијата, демократско општество, животна средина, јавно управување и дигитализација и дигитални вештини“, рече Мојсоска-Блажевска.

Во однос на мерење на напредокот, „Македонија 2025“ има разработено матрица која што сама по себе изгледа комплексно, и која, како што рече Мојсоска-Блажевска, на повеќето од важните индикатори има напредок, но кога ќе се споредиме со другите земји од регионот, таканаречени структурни врсници, или со земји кои што се нови земји членки на ЕУ и кои што ги нарекуваме аспиративни врсници, сепак заостануваме.

„Речиси секаде сме на дното на тие мерења, односно напредокот е бавен“, рече Мојсоска-Блажевска.

Таа додаде дека верува дека „Македонија 2025“ преку програмите, вклучително и Самитот, ќе придонесе барем малку за напредокот на земјата.

„Не е важно дали одиме лево или десно, важно е дали одиме напред или назад“, рече Мојсоска-Блажевска.

Инаку, на овој престижен регионален настан, кој претставува платформа за споделување знаење, поврзување и поттикнување промени во регионот, своите искуства и знаења со публиката денеска и утре ќе ги споделат околу 40 говорници, врвни експерти во својата област. Покрај темите за дигитализација и трансформација во насока на креирање на просперитетни општества, на Самитот ќе се разговара за регионални и глобални теми меѓу кои и една од најактуелните во моментов – употребата и потенцијалите на вештачката интелигенција.