Изградбата на булеварскиот влез во Битола добро напредува


 

БИТОЛА – И во зимските месеци продолжува изградбата на булеварскиот влез на Битола од страната на Прилеп. Ако не паднат големи снегови, до налето ќе биде комплетно изградена левата коловозна лента за влез во Битола и сообраќајот ќе се одвива по новата инфраструктура. Напоредно течат градежните работи за обнова на патот Прилеп – Битола.

Изградбата на улица „8 Септември“ се одвива според предвидената динамика. Се работи на атмосферска канализација, водоводна инсталација, коловозна конструкција, улично осветлување, реконструкција на пропуст над Раштански порој, поставување на сообраќајна опрема, експропријација, велат од општина Битола.

Со градежните работи се почна лани во август, а досега е поставена мешовита канализација во должина од 550 метри, во моментот се гради и потпорен ѕид во должина од 27 метри. Во реконструкцијата е вклучена и водоводна линија која се состои од два цевководи. Изведувач на работите е ГП „Гранит“. 

„Во досегашниот период реализирани се околу 20 проценти од вкупниот договор за проектот. До средината на летото, планирано е да се изврши асфалтирање на едната (левата) коловозна лента, при што ќе може да се пренасочи сообраќајот по новоасфалтираната коловозна лента“, објави градоначалникот Тони Коњановски.

Влезот на Битола од страната на Прилеп со децении беше во ужасна состојба, не само коловозот, туку комплетното сообраќајното решение, осветлувањето, дивите депонии покрај патот, сликата беше недостојна за град од 80.000 жители, каков што е Битола. 

Проектот за реконструкција на коловоз е во должина од 1,3 километри на потегот од „Лукоил“ до ГУП, односно до самиот влез во градот кај таблата што пишува Битола. Делницата опфаќа не само нов коловоз туку комплетен булеварски влез со ширина од 27,5 метри, ширина на двата коловози од по 7,5 метри, со урбано уредена површина која ќе ги разделува двата коловози со пешачки и велосипедски патеки со зелен појас – дрворед со широчина од по 5.5 метри.

Во меѓувреме се изгради нова улица кај новиот трговски центар „Блис“ кај Дулието во Битола и се реконструира постојната улица што е надополнување на влезот на Битола од страната на Прилеп.

Во исто време се одвиваат градежните работи за изградба на патот Прилеп – Битола, па сега битолчани кои патуваат за Скопје и назад, се движат по стариот пат за Скопје кој минува низ општина Могила, кој е во добра состојба. Минатата недела се договараше и режимот на сообраќај додека траат градежните активности со претставниците на изведувачот на автопатот, компанијата „Бехтел и Енка“. Ќе се работи на трасата од влезот на Прилеп од страна на превојот Плетвар, до северната страна на Битола, кај клучката во близина на селото Крклино. (А.Б.)